Црна Гора без буџет, опозицијата ја блокираше работата на Собранието
- Претседателот на црногорскиот парламент Андрија Мандиќ ја затвори денешната седница, откако опозицијата предводена од Демократската патрија на социјалистите најави дека ќе продолжат да ја блокираат работата на Собранието, за да не се донесе буџетот за следната година. На тој начин државата ќе влезе во фаза на привремено финансирање.
Подгорица, 26 декември 2024 (МИА) - Претседателот на црногорскиот парламент Андрија Мандиќ ја затвори денешната седница, откако опозицијата предводена од Демократската патрија на социјалистите најави дека ќе продолжат да ја блокираат работата на Собранието, за да не се донесе буџетот за следната година. На тој начин државата ќе влезе во фаза на привремено финансирање.
Опозицијата не дозволува Парламентот да продолжи со работа незадоволна од одлуката на Собранието да пензионира еден судија на Уставниот суд. Веќе двапати не дозволија да се одржи седницата правејќи бучава, а не му дозволија ниту на премиерот Милојко Спајиќ да одржи прес-конференција во собраниската сала, откако не беше одржан премиерскиот час.
Согласно Законот за буџет и фискална одговорност, доколку законот за државниот буџет не биде донесен до 31 декември, Министерството за финансии до неговото донесување месечно одобрува „до една дванаесетина од реалните расходи во претходната фискална година“ на потрошувачки единици.
Пред завршувањето на седницата Мандиќ рече дека бил принуден да изрече мерка за пратениците и ја прекина седницата.
Кабинетот на премиерот на Црна Гора соопшти дека со неусвојувањето на Буџетот за 2025 година се загрозува исплатата на зголемените пензии, реализацијата на капиталните проекти, како и враќањето на старите долгови. паг/
Фото: МИА архива