Христодулидис: На неформалниот Европски совет претседателката на ЕК ќе претстави пакет мерки за справување со енергетската криза
- Конкретен пакет мерки за справување со енергетската криза презентирани од претседателката на Европската Комисија, повеќегодишната финансиска рамка, случувањата во регионот, но првпат и членот 42(7) на ЕУ, ќе бидат темите, според кипарскиот претседателот Никос Христодулидис, на неформалниот Европски совет што в четврток и петок ќе се одржи на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 21 април 2026 (МИА) – Конкретен пакет мерки за справување со енергетската криза презентирани од претседателката на Европската Комисија, повеќегодишната финансиска рамка, случувањата во регионот, но првпат и членот 42(7) на ЕУ, ќе бидат темите, според кипарскиот претседателот Никос Христодулидис, на неформалниот Европски совет што в четврток и петок ќе се одржи на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на денешната владина седница, Христодулидис се осврна и на претстојниот неформален Самит во рамките на кипарското претседателство со ЕУ, посочувајќи дека е првиот што се одржува на Кипар, откако земјата стана членка на Унијата во 2004 година.
Тој нагласи дека станува збор за особено важен Европски совет, на кој ќе се дискутираат и случувањата во регионот, а особено последиците што произлегуваат.
- Претседателката на Европската комисија ќе претстави конкретен пакет мерки за справување со енергетската криза, која произлегува од случувањата во регионот, за енергетските трошоци, откри Христодулидис.
По нападот врз британските воени бази на Кипар на почетокот на март годинава, на неформалниот состанок ќе стане збор и за членот 42(7) на ЕУ, односно клаузулата за заемна помош на ЕУ, што предвидува дека кога ќе биде активирана од страна на земја-членка која е нападната, сите други земји-членки се обврзани да ѝ пружат помош како одговор.
- Првпат на Европски совет и по повод тоа што се случи на Кипар, ќе се разговара и за активирањето на членот 42(7) на ЕУ, односно оперативниот план за тоа што прави ЕУ во случај една земја-членка да го активира конкретниот член, објасни кипарскиот претседател.
Дополнително, рече дека ќе се дискутира и за повеќегодишната финансиска рамка и буџетот на ЕУ за периодот 2028 – 2034 година, а ќе се одржи и средба со лидерите од Египет, Јордан, Либан, Сирија, за што објасни дека фокусот нема да биде само на случувањата во поширокиот регион, „туку и за тоа како конкретно да ја унапредиме нашата врска со регионот на стратешко ниво“.
За време на денешната владина седница, Христодулидис рече дека планирано е да се донесе одлука и за барањето на претседателот на Либан, покрај дадената финансиска помош од околу еден милион евра, да се обезбеди и фармацевтска помош во вредност од половина милион евра. ср/ми/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател