Хезболах: Либан го почитува примирјето со Израел, но одбива политички преговори
- „Ја потврдуваме нашата законска должност да се спротивставиме на окупацијата и агресијата и да застанеме рамо до рамо со нашата армија и народ во одбрана на суверенитетот на земјата“, се вели во изјавата на групацијата.
Бејрут, 6 ноември 2025 (МИА) - Либанската групација Хезболах денеска соопшти дека има „законско право да се спротивстави на (израелската) окупација“ и да ја поддржува либанската армија.
Шиитското движење додаде дека иако Либан е обврзан со склученото примирје со Израел, земјата не е должна да учествува во политички преговори со еврејската држава.
Минатата недела, либанскиот претседател Жозеф Аун ѝ нареди на армијата да се спротивстави на какво било израелско навлегување во Јужен Либан, по полноќната операција на израелските воени сили кои навлегоа на либанска територија и убија претставник на локалната власт и покрај примирјето договорено со посредство на САД.
„Ја потврдуваме нашата законска должност да се спротивставиме на окупацијата и агресијата и да застанеме рамо до рамо со нашата армија и народ во одбрана на суверенитетот на земјата“, се вели во изјавата на групацијата.
Хезболах нагласи дека го користи своето право на самоодбрана против „непријател кој ѝ наметнува војна на нашата земја, не ги прекинува нападите и се стреми да ја потчини нашата држава“.
Примирјето меѓу Израел и Либан беше постигнато во ноември 2024 година со посредство на САД, по повеќе од едногодишен конфликт предизвикан од војната во Газа. Сепак, израелските сили сè уште повремено извршуваат напади на либанска територија. ссм/
фото: архива