• петок, 05 декември 2025

Училишни спортски игри по повод роденденот на Општина Карпош

Училишни спортски игри по повод роденденот на Општина Карпош

Скопје, 17 ноември 2025 (МИА)  – Во организација на Одделението за спорт при Општина Карпош, денеска се одржаа финалните натпревари од Училишните спортски лиги за 2025 година, кои традиционално се организираат по повод одбележување на роденденот на локалната самоуправа. Општина Карпош годинава прослави 49 години од своето постоење.

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, заедно со претседателот на Советот Христо Саракинов, присуствуваа на финалните мечеви во фудбал, одбојка и кошарка, во кои учествуваа ученици од основните училишта на територијата на општината.

– Имав одлично претпладне и среќен сум што бев дел од трите финалиња. Спортот е од особено значење за децата, за нивното ментално здравје и физичка подготвеност. Ќе продолжиме да ја негуваме оваа традиција и да организираме вакви настани и во иднина, изјави градоначалникот Лукровски.

Во финалето на фудбалскиот турнир, одиграно на теренот во Влае, екипата на ООУ „Лазо Трповски“ триумфираше над ООУ „Војдан Чернодрински“ со резултат 1:0. Победничкиот тим го заврши турнирот без ниту еден пораз, а во финалето пресуди стабилната одбрана.

Во спортската сала „Партизан“ се одигра финалето во одбојка за девојчиња, каде убедливо славеше екипата на ООУ „Јан Амос Коменски“ против ООУ „Владо Тасевски“ со 2:0 во сетови (25-15, 25-15).

Финалниот кошаркарски натпревар го одиграа младите кошаркари од приватното училиште IPS, кои ги совладаа своите ривали од ООУ „Јан Амос Коменски“ со резултат 62:52, во натпревар исполнет со динамика и спортски дух.

Дипломите за второпласираните екипи ги додели претседателот на Советот Христо Саракинов, додека градоначалникот Лукровски им ги врачи дипломите и победничките пехари на најуспешните тимови.бк/вј/

фото: Општина Карпош

Остани поврзан