Унгарската опозициска партија „Тиса“ во февруари ја зголеми предноста пред „Фидес“
- „Тиса“, која ја предводи поранешниот владин инсајдер Петер Маѓар, ја зголеми својата предност пред „Фидес“ на 20 процентни поени меѓу одлучените гласачи, во споредба со предноста од 12 процентни поени во анкетата во јануари, посочува „Медијан“, чии резултати беа објавени од веб-страницата hvg.hu.
Будимпешта, 25 февруари 2026 (МИА) - Унгарската централнодесничарска опозициска партија „Тиса“ во текот на овој месец ја зголеми предноста пред владејачката „Фидес“ на премиерот Виктор Орбан, покажа најновата денеска објавена анкета на агенцијата „Медијан“, која е позната по своите точни прогнози, пред парламентарните избори закажани за 12 април.
Орбан, кој е на власт 16 години и планира да ја задржи, за прв пат се соочува со силен противник на парламентарните избори, а исходот ќе има големи импликации не само за Унгарија, туку и за Европа и нејзините крајно десничарски политички сили.
Според анкетата, „Фидес“ губи, а „Тиса“ добива поддржувачи, и покрај бројните мерки што ги објави владата по три години економска стагнација.
„Тиса“, која ја предводи поранешниот владин инсајдер Петер Маѓар, ја зголеми својата предност пред „Фидес“ на 20 процентни поени меѓу одлучените гласачи, во споредба со предноста од 12 процентни поени во анкетата во јануари, посочува „Медијан“, чии резултати беа објавени од веб-страницата hvg.hu.
Унгарската опозициска партија, која беше основана во 2024 година, ја има поддршката од 55 проценти од одлучените гласачи, во споредба со 51 процент во јануари.
Поддршката за „Фидес“ падна за еден месец од 39 на 35 проценти, покажува најновата анкета спроведена помеѓу 18 и 23 февруари.
Кога се гледа вкупниот број на жители, анкетата покажа дека „Тиса“ е поддржана од 42 проценти од гласачите, а „Фидес“ од 31 процент.
Анкетарите на „Медијан“ рекоа дека „Тиса“ „го надоместила губењето на еланот во текот на есента и повторно е пред „Фидес“ со доверба слична на минатото лето“.
Освен двете водечки партии, само крајно десничарската партија „Наша татковина“ (Mi Hazánk) има шанса да влезе во парламентот, со поддршка од шест проценти од одлучените гласачи, во споредба со петте проценти во јануари, според „Медијан“. Партиите мора да го поминат изборниот праг од пет проценти за да влезат во парламентот.
Анкетата на „Медијана“ има една од најточните прогнози во Унгарија. Таа правилно ја предвиде убедливата победа на Орбан на последните избори пред четири години, иако малку ја прецени поддршката од опозицијата.
На предизборниот митинг во Шимег минатата недела, Орбан рече дека анкетите покажуваат дека „Фидес“ може да освои 65 до 70 од 106-те поединечни изборни единици во Унгарија, што е намалување во однос на 87 пред четири години, но сепак доволно за да ја задржи власта.
Унгарскиот парламент има 199 претставници, 93 избрани од партиски листи и 106 избрани директно од изборните единици.сд/јт/
Фото: МИА архива