Официјални претставници на Уганда подготвуваат процедури за вакцинација против ебола во обид да се спречи нејзиното ширење
- Официјални претставници на Уганда забрзано ги подготвуваат неопходните процедури за да добијат дозвола за примена на вакцина против ебола, во обид да го спречат ширењето на болеста во главниот град Кампала, изјави директорот на националниот Институт за истражување на вирусологија, Понтијано Калебу.

Кампала, 3 февруари 2025 (МИА) - Официјални претставници на Уганда забрзано ги подготвуваат неопходните процедури за да добијат дозвола за примена на вакцина против ебола, во обид да го спречат ширењето на болеста во главниот град Кампала, изјави директорот на националниот Институт за истражување на вирусологија, Понтијано Калебу.
Според него, тим научници работи на планирано одобрение за употреба на повеќе од 2.000 дози од вакцината против суданскиот сој на ебола, пренесува „Вашингтон тајмс“.
„Вакцината се уште не добила дозвола, а сите протоколи за нејзино добивање се забрзани“, рече Калеб.
Како што соопшти Светската здравствена организација (СЗО), во тек се клинички испитувања на вакцината за да се потврди нејзината ефикасност и безбедност.
Засега не се знае кој е производител на вакцината чие одобрение се очекува. Последната епидемија на ебола во Кампала беше прогласена откако една медицинска сестра почина од вирусот минатата недела, а по неа уште еден маж.
Уганда повеќе пати прогласуваше епидемија на ебола, а во периодот на епидемијата што ја погоди Западна Африка од 2014 до 2016 година, повеќе од 11.000 луѓе починаа од оваа болест, потсетува американскиот весник. рп/
Фото: МИА архива