• сабота, 22 февруари 2025

Тошковски на средба со амбасадорот Палминтиери, во фокус проекти преку ИПА програмата

Тошковски на средба со амбасадорот Палминтиери, во фокус проекти преку ИПА програмата

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Италија, Паоло Палминтиери.

На средбата, како што информираат попладнево од МВР, била потврдена добрата континуирана соработка помеѓу двете министерства за внатрешни работи што се одвива во духот на традиционално - добрите, пријателски односи меѓу двете земји.

- Во разговорот, двете страни се осврнаа на моменталните проекти на соработка преку ИПА програмата во насока на зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со криминал против културно наследство и еколошки криминал и ЕУ поддршка за зајакнување на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе, наведуваат од МВР.

Како што додаваат, изразена била взаемна подготвеност за интензивирање на соработката како на стратешко, така и на оперативно ниво, како партнери посветени на регионалната и глобалната безбедност, како и континуирано зајакнување на капацитетите на македонската полиција преку надградување на Центарот за обука во рамки на МВР, посочен како еден од приоритетите во идната заедничка соработка. бд/дма/

Фото: Министерство за внатрешни работи

Остани поврзан