Тетовската библиотека со зголемен книжевен фонд иако функционира во помалку од 150 квадрати
- Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово во 2024 година го зголеми книжниот фонд со купување на 470 нови наслови, односно 1420 нови книги и 269 нови книги подарени од тетовските роднокрајни автори.

Тетово, 17 евруари 2025 (МИА) - Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово во 2024 година го зголеми книжниот фонд со купување на 470 нови наслови, односно 1420 нови книги и 269 нови книги подарени од тетовските роднокрајни автори.
Бројот ќе се зголемува и во текот на оваа календарска година со оглед дека има одобрен буџет од Министерството за култура, но од друга страна се повеќе е проблематично каде да се стават книгите со оглед на недоволниот простор со кој располага библиотеката со помалку од 150 квадратни метри.
В.д директорот Махи Муртезани објаснува дека просторниот проблем е особено изразен по преместувањето од еден во друг дел од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ каде веќе 22 години функционира библиотеката.
-Во 2023 година со одлука на претходната Влада бевме преместени од еден во друг дел од центарот со помалку метри квадратни, затоа што просториите беа отстапени за отворање на канцеларии на Европската Унија. Се сместивме за жал во помал простор, од 200 квадрати сега имаме 146. Да бидеме и реални и коректни просториите се пофункционални, ама тесно е затоа што не ги собира сите книги што ги имавме во старите простори. Во магацините на Центар за култура има од 45 до 50 илјади книги, а во сегашните простории имаме од 70 до 80 илјади книги. Во 2024 година имавме 5.200 активни читатели коишто позајмиле над 50 000 книги. Функционираме и овде без разлика што е тесно, но ќе биде се потешко поради потребата од набавка на нови книги, изјави Муртезани на средба со новинарите.
Поради недоволно простор за библиотеката, рафтови со книги има и во канцеларијата на директорот но и по ходници, подруми и магацини сите во рамки на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Библиотеката има примероци на дневен печат од 1945 година, но тие се доведени во опасност поради тоа што се сместени во подрумски простории.
-По статистиките што го имаме во јануари, има раст на број на нови запишани читатели, а ќе се зголеми и бројот на книги. Ние сме под Министерство за култура, така и секоја година правиме програма, од буџетот што ни го доделува министерството, лани 550 илјади денари, оваа година 600 илјади денари, ќе купиме уште книги, а просторот е ист. Библиотеката нема ни читална, ни сала со интернет, ни други сали за да функционираме како што треба, како што функционираат и другите библиотеки низ цела Македонија. Едноставно сме како простор каде може да се дојде да се најде книга, да се позајми и да се чита дома. Јас го затекнав овој проблем со недостиг на простории, од кога сум вработен уште пред вас 22 години, вели Муртезани.
Поради потребите на Библиотеката уште во 2014 година почна да се гради нов објект каде треба да биде сместен и Тетовски Театар, но истиот уште не е готов. За библиотеката е предвиден простор од 2850 квадратни метри но директорот смета дека е потребно и преодно решение затоа што завршување на новиот објект е неизвесно.
- Сега ние правиме ротација. Некои книги што помалку се бараат, ги тргнавме на страна и ќе ги складираме во помошните простори за да има место за новите наслови. Ама и тоа не е работа, се обидувам да бидам во контакт со Министерството за култура, конкретно за некои простории што ги има во Центар за култура што може ние да ги користиме привремено додека се преселиме во новиот објект. Затоа ние многу важно и апелираме што поскоро да се заврши новиот објект што ќе биде од корист за сите, ни рече директорот.
Во Библиотека Библиотеката „Кочо Рацин“ работат вкупно 18 луѓе, а поделени се во пет сектори – детскиот оддел, оддел за возрасни, дневниот печат, сектор за каталогизација на книги и роднокрајниот оддел.ас/
Фото: МИА