Грчката режисерка Баста за МИА пред премиерата на „Ритам на животот“ во Солун: Темите што ги анализира филмот се заеднички за сите балкански земји
- Во натпреварувачкиот дел „Запознајте ги соседите“ („Meet the Neighbors“) на Филмскиот фестивал во Солун во среда премиерно ќе биде прикажан филмот „Ритам на животот“, плод на соработката на продукциски куќи од неколку земји, меѓу кои и нашата, а режисерката и ко-сценаристка Америса Баста во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека наградите се секогаш добредојдени, но поважно е да биде прифатен од публиката.
Атина, 2 ноември 2025 (МИА)
Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Атина
- Во натпреварувачкиот дел „Запознајте ги соседите“ („Meet the Neighbors“) на Филмскиот фестивал во Солун во среда премиерно ќе биде прикажан филмот „Ритам на животот“, плод на соработката на продукциски куќи од неколку земји, меѓу кои и нашата, а режисерката и ко-сценаристка Америса Баста во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека наградите се секогаш добредојдени, но поважно е да биде прифатен од публиката.
Филмот ја раскажува приказната за младата Лена, 20-годишна девојка која живее во Атина со семејството, работи во локален супермаркет, но поради сиромашниот живот секојдневието и е исполнето со напнатост и сака да започне свој живот, но сѐ ќе се смени кога ќе добие отказ, истовремено дознавајќи дека е бремена, а Баста посочува дека темите што ги анализира „Ритам на животот“ „се заеднички за сите балкански земји“.

Главен продуцент на „Ритам на животот“ е грчката продукциска куќа „Соул Продукција“, а копродуценти се и Дејан Крајчевски од македонската „Круг филм“, како и продукциски куќи од Бугарија, Кипар Црна Гора и Франција.
Снимањето започна во август 2023 година, а тогаш режисерката и ко-сценаристка Америса Баста за МИА рече дека нивната желба е премиерата да биде на некој голем фестивал, како пример споменувајќи го Филмскиот фестивал во Солун, а сега две години подоцна, токму таму „Ритам на животот“ ќе биде за првпат претставен пред публиката.
-Премиерата е во натпреварувачкиот дел „Meet the Neighbors“. Многу ми е драго што учествува токму во овој дел, што е официјалниот натпреварувачки дел на фестивалот и е токму делот во кој сакавме да учествуваме од самиот почеток, бидејќи самиот филм е создаден од земји кои се соседи. Копродукција од неколку земји, повеќето се балкански земји Грција, Северна Македонија, Бугарија, Црна гора, како и Кипар и Франција, посочува Баста.

Во разговорот за МИА не го крие задоволството од комплетниот производ, но и вели дека тоа што премиерата е во Солун лично за неа има посебно значење бидејќи таму беа презентирани некои од нејзините краткометражни филмови.
-Исто така, во Солун беше презентиран и самиот филм како „working progress“ додека се подготвуваше. Сметаме дека тоа е природната средина за премиерата на „Ритам на животот“, објаснува Баста.
Со оглед на тоа што премиерата е во натпреварувачкиот дел на фестивалот, истакнува дека „наградите секогаш се добредојдени“.
-Ќе ни биде огромно задоволство ако добие награда, но она што го чекаме со голема радост е филмот да биде претставен пред публиката и да допре до срцата на гледачите. Ова за нас е најголемата награда, нагласува режисерката.

Премиерата на филмот е в среда во 22 часот по локално време, присутен ќе биде и целиот тим од „Круг филм“ од Скопје, додека пак два дена подоцна, в петок ќе има уште една проекција во рамките на фестивалот.
Режисерката и ко-сценаристка открива дека во иднина планираат „Ритам на животот“ да учествува на филмските фестивали во Северна Македонија, во Бугарија, на Кипар, односно земјите ко-продуценти, додека пак некаде пред лето се очекува и во киносалите.
Пред нешто повеќе од две години, на средината на август 2023 година, започна снимањето на филмот, а МИА присуствуваше на еден од сетовите во центарот на Атина.

Режисерката и ко-сценаристка и тогаш истакна дека станува збор за приказна што би можела да се случи во секоја балканска земја, бидејќи темата е и универзална и балканска и токму затоа за нив е големо задоволството што филмот се работи во копродукција со други земји од регионот.
-Лена е млада девојка која се соочува со проблемот со невработеноста, со отпуштање од работа, како и една непланирана бременост, па така го следиме она што ќе се случи во нејзиниот живот и како ќе се справи со овие ситуации. Темата е и балканска и универзална. Се однесува на жената во работната средина, многу е поврзана со семејството и семејните односи, но и како не дефинира и нашиот background и дали е одлучувачки за нашата иднина или ние можеме да направиме некои промени, да го смениме тоа и да направиме нешто подобро во нашиот живот, рече тогаш Баста за МИА.
Дизајнерот на светло Иван Ѓоршев тогаш изрази надеж дека филмот ќе постигне голем успех. 
Сценариото на „Ритам на животот“ е на Димитрис Накос и Америса Баста, која воедно е и режисерка.
Во главната улога, во улогата на Лена е младата грчка актерка Елина Циорбаѕи, а кастингот е составен од млади и надежни актери, но и постари и веќе искусни актери од Грција и од Албанија.
Филмот е финансиски поддржан од Филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. ср/дј
Фото: Архива МИА