• петок, 21 февруари 2025

Стоилковиќ: Стојам зад оценката на премиерот, говорот на Додик не одговараше за празник

Стоилковиќ: Стојам зад оценката на премиерот, говорот на Додик не одговараше за празник

Скопје, 12 февруари 2025 (МИА) - Вицепремиерот и министер за политички систем Иван Стоилковиќ смета дека пратеникот Сали Мурати од Движење на Турците на Македонија за правда и демократија со прашањето „зошто бил поканет претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, сака да го засени најзначајното што се случило на настанот организиран за денот на српската заедница во државава.

На седницата за опозициски прашања, пратеникот Мурати го праша Стоилковиќ зошто бил поканет Додик кој е под санкции од САД и Велика Британија и кому, рече, му се дало простор „за промоција на антиНАТО-ставови и да го негира геноцидот во Сребреница“. 

Праша како Стоилковиќ ќе го оправда тоа вршејќи ја најчувствителната министерска функција која подразбира грижа за кохезија на етничките заедници во државава. Пратеникот констатираше дека со присуството и обраќањето на Додик на денот на Св. Сава во Скопје се предизвикало недоверба на другите етнички заедници во министерството што го предводи Стоилковиќ.

Според министерот, пак, со својот став Мурати фрлил сенка на она што било најважно таа вечер – заедничкото присуство на поглаварите на црквите на Србија и Македонија, патријархот Порфириј и архиепископот Стефан, што, рече, е „можеби најголемиот политички настан во поновата историја во односите помеѓу Македонија и Србија“.

Одговори дека Додик доаѓал во Македонија во изминатите десет години и „секогаш се обраќал на Академијата“ по повод денот на српската заедница и „секогаш имал средби со највисоките претставници на Македонија“. 

Како што рече, и нему му пречело „изборот на начинот на кој се обрати пред гостите присутни на Академијата“, со што „ја фрлил во сенка убавата слика“ на 27 јануари во МНТ.

-Претседателот на Владата тука даде одговор дека таквиот говор не одговара на приликите, повикувајќи дека станува збор за празник и говорот треба да соодветствува со празнично расположение, а не со политички пораки. И јас стојам во потполност зад оценката на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и тука нема дилеми, рече Стоилковиќ.

Не се согласува со оценката на пратеникот Мурати дека помалите етнички заедници имаат недоверба во Министерството што тој го води бидејќи, рече, „првпат почнале да го чувствуваат за свое, вратите им се отворени и првпат ќе добијат средства од министерството“. 

Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за говорот на Додик ден по свечената академија, рече дека не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.

-Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти ЕУ, анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки бидејќи тоа, сепак, беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки, рече Мицкоски. хс/ев/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан