Стерјо Папули нов претседател на Партијата на Власите
- Партијата на Власите го избра Стерјо Папули за нов претседател. Како што соопштуваат од партијата, Папули е избран на последниот состанок на Републичкиот одбор на партијата

Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Партијата на Власите го избра Стерјо Папули за нов претседател. Како што соопштуваат од партијата, Папули е избран на последниот состанок на Републичкиот одбор на партијата.
Новото раководство ќе продолжи со континуирана и посветена работа во интерес на нашата заедница, во насока на остварување на стратешките цели и принципи што ги застапува партијата, се наведува во соопштението.
Новиот претседател ја истакнал важноста на заедништвото и визијата за понатамошен напредок, потенцирајќи дека „секој наш чекор денес е инвестиција во иднината на нашите граѓани и генерации што доаѓаат“.
-Партијата на Власите во Македонија останува доследна на својата мисија да биде силен застапник на правата и интересите на Власите во Република Македонија и активен чинител во креирањето на политики кои ќе придонесат за општествен и економски развој. Нашата визија е јасна: да создадеме општество каде што нашата заедница ќе биде препознаена, почитувана и вклучена во сите аспекти на општествениот живот“, истакнал Папули. бак/ев/
Фото: Партија на Власите