Средното стручно образование сè попривлечно, континуиран раст на буџетот за наука - годинава рекордни 773 милиони денари
- Оценувајќи ја 2025-та година, министерката Весна Јаневска изјави дека лично е задоволна од тоа што со нејзиниот тим го сработиле и што успеале, како што рече, да придвижат „нешто што долги години стоело во место“. -Тоа придвижување засега дава мали, бавни, но сигурни ефекти и очекувам во идните години да се забрза и ефектот да стане повидлив, истакна Јаневска минатиот месец.
Скопје, 9 јануари 2026 (МИА) - Учениците се на зимски распуст и во училишните клупи ќе се вратат на 20 јануари за да ја продолжат наставата од второто полугодие во учебната 2025/2026 година. Овој месец се очекува да биде донесена Стратегијата за образование 2025-2030, а ќе претстојат и јавни расправи за пакет закони за високото образование и за наука откако ќе бидат поставени на националниот регистар за прописи ЕНЕР за предлози и сугестии.
Како што најави МОН, во образованието треба да продолжат инвестициите – во 2026 се планираат над 160 во инфраструктурата, ќе има поголем буџет за наука, во март покачување на платите на наставниците во основно и средно - меѓу 7,5 и 10 проценти, значајни промени во средното стручно образование, нов концепт на државна матура според видот на образование.
Оценувајќи ја 2025-та година, министерката Весна Јаневска изјави дека лично е задоволна од тоа што со нејзиниот тим го сработиле и што успеале, како што рече, да придвижат „нешто што долги години стоело во место“.
-Тоа придвижување засега дава мали, бавни, но сигурни ефекти и очекувам во идните години да се забрза и ефектот да стане повидлив, истакна Јаневска минатиот месец.

Стратегијата што треба да биде донесена наскоро е патоказ за насоката на образованието во наредните шест години. Со примена на овој документ ќе се засили поддршката за наставниците и ќе се поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни трендови и стандарди. Таа треба да донесе подобар квалитет во сите нивоа на образование, поголема инклузивност, оптимизација на училишната мрежа и остварување услови за целодневна и едносменска настава – процес што е во тек од 2024 година и со кој 200 училишта веќе работат едносменски.
Документот предвидува промена на програмите во предучилишна возраст, инклузија во основно и средно образование, воведување формули за финансирање на образованието во локалните самоуправи, нова легислатива во високото образование, модернизација на наставните програми, воведување вештачката интелигенција...
-Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од која било цена. Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, ни го потврдува Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати. Но, за целосна ефективност мора да постои континуитет и него ќе го обезбедиме со новата Стратегија за образование со важност за периодот од 2026 до 2032 година, истакна Јаневска на претставувањето на целите на Стратегијата во ноември минатата година.
Годината 2025 почна со повлекување на нацрт-концепцијата за гимназиско образование - по реакциите на факултети, главно од општествените науки. МОН неодамна најави дека наскоро ќе понуди нова нацрт-концепција за гимназиско образование. Беше одложувано и донесувањето измени на Законот за средно образование, а со усвојувањето се овозможи првпат во наставата во средно да бидат ангажирани образовни асистенти. Поради чести измени на законот, во 2026 се очекува донесување нов закон за средно образование.
На почетокот на 2025-та беше ветено и надминување на проблемот со учебници од 1 септември и МОН за почетокот на учебната година ги обезбеди и учебниците за странски јазици кои недостигаа подолг период.

Недостигот на учебници што, сепак, се појави во некои училишта, се должеше на тоа што учлиштата не ги пријавиле навреме потребните тиражи за замена на неупотребливите учебници и МОН испорачало онолку колку што биле побарани. Министерката во повеќе наврати во септември посочи дека „воспоставен е стабилен систем за снабдување со учебници, има прецизен закон што функционира, упатства и правилник за работа кои од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детаљ“.
- Постои недоразбирање кое во иднина ќе треба да го решиме. МОН многу пати повикуваше што сè треба да се направи и му е сосема сеедно дали ќе отпечати милион или милион и двесте илјади учебници затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано, до последен учебник кој е побаран од Министерството е обезбеден. Оттука, не прифаќам дека учебници нема. Дали се во подобра или полоша состојба, тоа зависело од комисијата што ги примала, од директорите, и оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено и во иднина да немаме никакви вакви проблеми, рече Јаневска.
И оваа година, како и во претходните две, средното стручно образование беше избор на две третини од вкупниот број ученици што завршија основно, односно 12 000 од 17 000 се запишаа во стручните училишта во учебната 2025/2026 година.
Се зголеми на 700 (и има тренд на постојан пораст) бројот на компании активно вклучени во дуалните паралелки, каде што учениците добиваат пракса, и нив ги има веќе во 61 средно училиште. Конкурсите за упис во средното образование се креираат согласно потребите на државата која се соочува со наоѓање решение за недостиг на соодветна работна сила и согласно со барањата на пазарот на труд.

Отворените седум регионални центри за стручно образование - во Тетово, Куманово, Охрид, Струмица, Велес, Битола и Штип темелно се реновираат и опремуваат, а со законските измени им е овозможено и да основаат училишни компании што ќе придонесат за нивната самоодржливост. Последниот, осми регионален центар, ќе биде отворен во некое од стручните училишта во Скопје.
Стопанството и меѓународните организации апелираат на брзо преориентирање на образовниот систем кон нови професии за да се креираат продуктивни работни места што ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето. Во услови кога ChatGPT и вештачката интелигенција веќе го менуваат светот, укажуваат тие, потребно е образование што ќе го опслужува пазарот на трудот, а не обратно, и во визијата за иднината да се имаат предвид дигиталната транформција, вештачката интелигенција и зелената транзиција.
Во чекор со новото време, МОН летото најави дека вештачката интелигенција ќе биде воведена во средното образование и ќе се применува за различни теми по сите предмети и во слободните училишни активности. Ќе им биде корисна на учениците да размислуваат креативно, на наставниците за да ги планираат предавањата и тестовите, како и за автоматизирање на различни административни процеси во училиштата.
Со подготвените нови закони во високото образование се очекува солидна регулатива која ќе овозможи квалитет и подобро рангирање на нашите универзитети односно нивна видливост на Шангајската листа.

Се предвидуваат и нови, модерни студиски програми кои ќе ги заинтересираат студентите, се планира многу повеќе практична работа во јавните институции и во компаниите.
Меѓу новините се построги критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на универзитетските професори што ќе зависи и од објавувањето трудови во списанија со импакт-фактор. За да има повеќе такви трудови, Владата преку МОН обезбеди бесплатен пристап на професорите од јавните универзитети и истражувачите од МАНУ до платформата Web of Science, за што во јули беше склучен договор за пристап со нејзиниот сопственик – компанијата Clarivate.
Поради неисполнување услови и неправилности, досега се затворени 14 институти и контролите ќе продолжат во 2026 година. Од МОН велат дека потешко оди со одлуките за затворање факултети поради недоречености во актуелниот Закон за високо образование и се очекува тој проблем да се надмине со новиот закон.

Министерката Јаневска соопшти дека ќе има нов софтвер за plagijati.mon.gov.mk - алатката за откривање препишани трудови и најави т.н. „ѕид на срамот“ на кој ќе се објавуваат несоодветни магистратури и докторати. Како што рече, на разни универзитети поминуваат такви што се на ниво на ученички трудови.
Во 2025 за наука беше издвоен буџет од 680 милиони денари, речиси двојно повеќе од претходната 2024 година кога за науката беа наменети 380 милиони денари. Раст на буџетот за наука ќе има и за 2026-та, како што соопшти ресорната министерка, рекордни 773 милиони денари. Меѓу приоритетите во науката е отворањето на првиот државен научно-технолошки парк што ќе овозможи значајно подобрување на условите за научни истражувања. Јаневска соопшти дека тој ќе биде отворен до крајот на нејзиниот мандат.
Образованието во 2025 година го одбележаа и воведувањето настава за деца што се на подолго болничко лекување, првпат воведените образовни асистенти за средношколци со попречености, ваучери од 15.300 денари за набавка на електронски уреди за студенти на додипломски студии, стипендии за стимулирање на студирањето Македонски јазик врз основа на одредба од Законот за употребата на македонскиот јазик.

Промовирана беше мобилна апликација за пристап до електронскиот дневник (Е-Дневник), МОН почна да ги покрива трошоците за учество на ученици на меѓународни натпревари и олимпијади и да ја органиизра кампањата „Магијата е во знаењето“ за да се подигне свеста за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците.
Хатка Смаиловиќ
Фото: МИА архива