• петок, 20 февруари 2026

Средби на македонска собраниска делегација во Кнесетот на Израел

Средби на македонска собраниска делегација во Кнесетот на Израел

Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - Делегација на собраниската пратеничка група за соработка со Кнесетот, предводена од пратеничката Рахела Мизрахи, оствари повеќе средби во Кнесетот на Државата Израел, соопшти прес-службата на Собранието на Република Северна Македонија. Македонските пратеници имале средба со претседателот на групата за пријателство со Собранието на РС Македонија, Хамад Амар, и со членовите на групата, Тсега Мелаку и Владимир Белијак.

- Беше истакнато дека соработката меѓу двата парламента претставува важен дел на севкупната билатерална соработка. Пратеничката група за соработка со Кнесетот, која се формира во континуитет во сите парламентарни мандати, е само еден израз на интересот на Собранието за цврста определба да одржува блиски контакти со Кнесетот. На средбата пратениците разменија видувања за актуелната политичка и безбедносна ситуација во Израел и на Блискиот Исток, за геостратешките влијанија врз безбедносната архитектура на глобално ниво, како и за визиите за траен мир. Чекорот напред кон траен мир на Блискиот Исток и крај на војната во Газа, кој неодамна се постигна со посредство на американскиот претседател Трамп, влева надеж во остварување на вековните аспирации за мир, просперитет и соживот на овој дел од светот - се наведува во соопштението. 

Делегацијата била примена од претседателот на Кнесетот, Амир Охана, и на средбата биле истакнати вредноста и значењето на парламентарната дипломатија, која, како што се наведува, дава посебен печат во севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел.

- Соговорниците се согласија дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина, што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план. Ефективните придобивки од градењето блиски релации меѓу двата парламента претставуваат додадена вредност на севкупните билатерални односи. Спикерот Охана изрази голема благодарност што РС Македонија го поддржува Израел во одбрана на својот суверенитет и дава поддршка и во меѓународните организации и форуми - соопшти Собранието. 

Делегацијата остварила средба и со претседателот на Комитетот за одбрана и надворешни работи на Кнесетот, Боаз Бизмут, на која се разговарало за актуелните случувања на Блискиот Исток, тензиите во Иран и демилитаризацијата на Хамас како втора фаза од планот на Трамп за Газа.

- Притоа беа истакнати важноста на соработката со други земји и потребата од силна одбрана на една држава како нејзин витален и стратешки интерес. Делегацијата ги поздрави одличните тридецениски дипломатски односи меѓу РС Македонија и Државата Израел и се заложи за искористување на нивниот потенцијал во многу области во кои Израел остварува извонредни резултати. Особено беше истакнато дека добар пример од Израел што треба да го примениме во нашата земја е враќање на дијаспората, како да се задржат младите во земјата и да се подигне наталитетот, за што беше побарана стручна помош во креирање акциски план за ова прашање по примерот на Израел. Во однос на сличните политички и општествени предизвици што постојат во Израел и во земјите од регионот на Западен Балкан како сензитивен регион соговорниците ја потенцираа важната улога на парламентарците во одржување дијалог и релаксирани мултикултурни општествени односи - стои во соопштението. 

Во Министерството за надворешни работи на Државата Израел делегацијата остварила одделни средби со министерот за надворешни работи, Гидеон Сар, и со Ирит Савион-Вајдергорн, заменик-директор на Израелската агенција за меѓународна развојна соработка (MASHAV).

- Со министерот Сар делегацијата оствари продуктивни разговори за надворешнополитичките односи меѓу РС Македонија и Државата Израел, при што беа истакнати важноста на овие релации и позитивната соработка во мултилатералните форуми. Особено се цени ставот на нашата земја во ситуации кога има обиди за делегитимирање на Израел на меѓународен план, со што се демонстрира високото ниво на одлични билатерални односи. Делегацијата се заблагодари за ургентната медицинска и стручна докторска помош за настраданите граѓани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ минатата година како гест на влада на наша блиска и пријателска земја. Домаќините изразија подготвеност да споделат искуства и да ја развијат меѓусебната соработка во земјоделството, управувањето со водата, нови технологии, кибер-безбедност, вештачка интелигенција, здравство и сл. - соопшти Собранието. 

Израелската агенција за меѓународна развојна соработка (MASHAV) е основана во 1958 година и функционира во рамките на Министерството за надворешни работи на Израел. Заменик-директорката на Агенцијата, Ирит Савион-Видергорн, ја запознала македонската делегација со активностите и проектите, кои се усогласени со Агендата 2030 на Обединетите нации. 

Во организација на Министерството за здравство на Државата Израел, пак, македонската делегација имала средба и со втората група доктори и медицински персонал, кои беа испратени на ургентна мисија во справувањето со здравствените последици на преживеаните македонски граѓани од пожарот во дискотеката во Кочани.

- Претседателката на групата, Рашела Мизрахи, и сите членови на делегацијата изразија длабока благодарност за драгоцената помош дадена уште во првите часови по несреќата, при што на целиот медицински тим им беа врачени подароци како израз на благодарноста од сите македонски граѓани во спасување голем број млади животи. Од името на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и во име на сите пратеници беше врачена посебна благодарност до Министерството за здравство на Државата Израел - наведува Собранието за средбите што во Израел ги имала делегацијата од пратеничката група за соработка со Кнесетот. хс/вг/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан