Средба на министерот Тошковски со постојаниот координатор на ООН во Македонија, Рита Колумбиа
- На средбата, соопштија од МВР, била разгледана досегашната соработка на Министерството за внатрешни работи и агенциите на Обединетите нации во земјава, при што заеднички било констатирано дека таа се одвива на исклучително продуктивно ниво.

Скопје, 3 февруари 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, Рита Колумбиа.
На средбата, соопштија од МВР, била разгледана досегашната соработка на Министерството за внатрешни работи и агенциите на Обединетите нации во земјава, при што заеднички било констатирано дека таа се одвива на исклучително продуктивно ниво.
Министерот Тошковски на средбата ги споменал двата проекти кои биле реализирани со помош на УНДП и се однесуваат на зголемување на капацитетите на полицијата за истрага на местото на настанот и за граничната и криминалистичката полиција и изразил задоволство од иднините проекти и чекори на соработка.
Од страна на постојаниот координатор на ОНН во земјава, Рита Колумбиа била нотирана високата посветеност на МВР во почитувањето и заштитата на човековите права во повеќе области во делокругот на министерството и конкретните резултати кои го потврдуваат тоа.
- Двете страни ги разгледаа следните фази во актуелните проекти за поддршка на министерството во делот на зајакнување на системот за форензика и истрага на местото на настанот, поддршка против злоупотребата и користењето на малото и лесно оружје, зајакнување на интегрираното гранично управување и други тековни проекти, се наведува во соопштението и се додава дека била изразена посветеност за понатамошно интензивирање на соработката на поголем број полиња во иднина. цр/са/
Фото: МВР