• петок, 21 февруари 2025

Средба на министерката Божиновска со италијанскиот амбасадор Палминтери

Средба на министерката Божиновска со италијанскиот амбасадор Палминтери

Скопје, 10 февруари 2025 (МИА) - Потврдување на континуираната билатерална соработка и дискусија за можности за натамошно унапредување на заедничките иницијативи била целта на денешната работна средба во Скопје на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со новоименуваниот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери.

Божиновска на средбата ја истакнала важноста на соработката со Италија како еден од стратешките партнери на земјава. Таа нагласила дека досегашните успешни билатерални односи се добра основа за натамошно зајакнување на енергетските врски меѓу двете земји, особено во насока на инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на инфраструктурата.

Амбасадорот Палминтери изразил подготвеност за продлабочување на соработката и поддршка на иницијативите што придонесуваат за енергетска сигурност и одржлив развој. Тој нагласи дека италијанските компании имаат интерес за учество во енергетски проекти кај нас и ја потенцираше важноста на размената на искуства и технологии како клучен сегмент во енергетската транзиција.

Во таа насока амбасадорот ја информирал министерката Божиновска дека во Скопје во текот на годината ќе биде организиран македонско италијански бизнис форум, каде една од главните теми ќе биде и енергетиката. На форумот ќе присуствуваат голем број компании од Италија што ќе претставува одлична можност за споделување информации и продлабочување на соработката.

Двајцата соговорници се согласиле дека традиционално добрите односи меѓу двете земји претставуваат силна основа за понатамошна соработка, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на привлекување нови инвестиции и имплементација на проекти што ќе придонесат за енергетската стабилност и економскиот развој на земјата.вј/цр

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан