• петок, 21 февруари 2025

Средба на министерката Божиновска со ЗЕЛС, разгледани можностите за намалување на трошоците за струја на јавните претпријатија

Средба на министерката Божиновска со ЗЕЛС, разгледани можностите за намалување на трошоците за струја на јавните претпријатија

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска остварила средба со Управниот одбор на ЗЕЛС, на која главна тема биле високите трошоци за електрична енергија со кои се соочуваат јавните претпријатија, училиштата, општините и уличното осветлување. Како што информираа од ресорното Министерство, биле разгледани неколку можни решенија и мерки што би придонеле за намалување на трошоците за електрична енергија на јавните институции.

Како прв чекор, додаваат од Министерството, на општините ќе им се даде на располагање единствен терк за јавни набавки на електрична енергија којшто ќе можат да го користат сите институции, којшто е изработен во соработка со Бирото за јавни набавки. Ова, сметаат оттаму, ќе обезбеди набавка на електрична енергија по поповолни цени, поголема транспарентност и избегнување на непотребни трошоци. Исто така, ќе бидат назначени лица за контакт од Министерството кои ќе делуваат како советодавно тело за институциите при набавка на електрична енергија.

- Јавните институции ќе бидат насочени да набавуваат електрична енергија преку Македонската енергетска берза (MEMO), со интенција референтна берза да биде македонската берза, наместо како досега набавката да оди преку странски берзи како HUPX. Со тоа би се избегнале дополнителните трошоци за пренос и други давачки, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Општините, како што се наведува во соопштението, побарале поддршка за реализација на проекти за енергетска ефикасност. Некои општини веќе имале формирано сопствено претпријатие и инсталирани фотоволтаици, но, како што посочуваат од Министерството, се соочуваат со административни пречки при добивање дозволи за продажба на вишокот произведена електрична енергија. Околу 60 отсто од општините веќе имплементирале „smart“ решенија за улично осветлување, што значително ги намалува сметките за струја. Останатите општини, велат од Министерството, ќе бидат поттикнати да го следат овој пример.

На средбата било отворено и прашањето за кривична одговорност во случаи на несоодветно управување со јавните набавки за електрична енергија, доцнење во процесот или ненавремено планирање, што доведува до финансиски загуби и долгови.

Општините побарале и проектите за енергетска ефикасност да се спроведуваат централизирано преку Министерството за енергетика, наместо преку повеќе различни институции, со цел поголема ефикасност и побрза реализација.

- Министерството за енергетика останува посветено на изнаоѓање одржливи решенија за намалување на трошоците за електрична енергија во јавниот сектор и подобрување на енергетската ефикасност во општините. Во координација со Владата и останатите засегнати институции и компании ќе се разговара и за дополнителни мерки а се со цел помош и поддршка на јавните институции, велат оттаму.

На состанокот дополнително се разговарало и за активности што општините можат да ги преземат во соработка и со помош на министерството, во насока на реализација на проекти што ќе придонесат за зголемување на енергетската ефикасност, генерирање помали трошоци и подобрување на условите за живот на граѓаните. сст/бак/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан