Социјален дијалог „Учи паметно, работи стручно“ во Куманово
- Зголемен е интересот на учениците за стручно образование. Секторот за образование-Зголемен интерес за дуалните паралелки, рекорден одзив од компаниите и проширување на профилите според реалните потреби на пазарот на трудот.
Куманово, 22 јануари 2025 (МИА) - Пред претставници на ресорното Министерство за образование и наука, во присуство на директори и наставници од средните стручни училишта, како и претставници на локалните компании, денеска во Куманово се одржа настан на социјален дијалог посветен на усогласување на образовните профили со потребите на локалната економија. Настанот се организира петта година по ред и претставува клучна алка во процесот на креирање на уписната политика за учебната 2026/2027 година.

Раководителот на секторот за овразование од општина Куманово, кажа дека е забележан рекорден одзив од локалниот бизнис-сектор.
-Оваа година имаме рекорден број од 83 компании од локално ниво кои го пополнија прашалникот за нивните кадровски потреби. Како сектор изработивме детална анализа, истакна Јовановиќ.

Социјалниот дијалог меѓу образованието и бизнис заедницата во Куманово се наметнува како пример за системско и одржливо планирање на стручното образование. Зголемениот интерес за дуалните паралелки, активното учество на компаниите и фокусот на квалитетна практична настава упатуваат на јасна ориентација кон создавање кадар кој ќе одговори на реалните потреби на пазарот на трудот, со конечна одлука во рацете на Министерството за образование и наука. Дуалното образование бележи континуиран раст. Од стартните седум дуални паралелки пред четири години, денес бројката достигнува 91 дуална паралелка на територијата на Општина Куманово.
-Работодавачите на последната анкета покажаа интерес за дефицитарни кадри, меѓу кои, трговски работници, профили од градежниот сектор (гипсери, фасадери), технички и инженерски струки, изјави Јовановиќ.
Директорот на СОУ „Наце Буѓони“, Драган Јаневски, посочи дека училиштето стратегиски пристапува кон отворањето дуални паралелки.

-Никогаш не сме тежнееле по секоја цена да отвориме дуална паралелка. Нашата цел е квалитетот на образованието, рече Јаневски.
По една дуална паралелка со германската компанија „Дрекслермајер“ за профилот мехатроник, годинава училиштето обезбеди уште пет нови дуални паралелки, три паралелки од здравствената струка (две на македонски и една на албански наставен јазик), со поддршка од Општата болница Куманово, една паралелка за електротехничар – енергетичар, во соработка со ЕВН Македонија и уште две компании од Куманово една паралелка од машинската струка со нов профил – оператор на алтернативни погони, во партнерство со локални претпријатија.
Јаневски нагласи дека помалиот број ученици во дуалните паралелки овозможува повисок квалитет на практичната настава и подобра подготвеност за пазарот на трудот. Воедно, најави и идни разговори со големи компании, меѓу кои и со ЕВН и со рафинеријата.
Директорката на СОУ „Перо Наков“, Мила Димковска-Жибак, оцени дека интересот за дуалните паралелки континуирано расте, особено во последните две години.

-Во економско-правната и трговската струка и следната учебна година ќе бараме дуални паралелки, како и во текстилно-кожарската струка“, истакна Димковска-Жибак.
Во македонските паралелки училиштето ќе аплицира за економски техничар, техничар за трговија – дигитален маркетинг, банкарски администратор. Во паралелките на албански наставен јазик, сите четиригодишни профили од економско-правната, трговската и текстилно-кожарската струка ќе бидат дуални, поради поголемиот интерес од учениците и компаниите.
По презентацијата, следува отворен дијалог и работни состаноци меѓу училиштата и компаниите, со цел потпишување меморандуми за соработка. Овие договори се основа за поднесување официјални барања до Министерството за образование и наука, кое до крајот на март треба да го објави конкурсот за запишување ученици во средните училишта за учебната 2026/2027 година. ам/
Фото: МИА