Состанок на Општински штаб за заштита и спасување во Куманово
- Интензивна соработка на општинските и државните институции за да се спречат пожарите во урбаните заедници во Куманово, формирање мешани тимови кои ќе патролираат на најкритичните места каде што речиси секојдневно има пожари. Ова се дел од заклучоците од денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со утврдување на потенцијални локации за можни појави на пожари на територија на општината и мерки и активности, кои ќе се преземат.
Куманово, 1 јули 2025 (МИА) - Интензивна соработка на општинските и државните институции за да се спречат пожарите во урбаните заедници во Куманово, формирање мешани тимови кои ќе патролираат на најкритичните места каде што речиси секојдневно има пожари. Ова се дел од заклучоците од денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со утврдување на потенцијални локации за можни појави на пожари на територија на општината и мерки и активности, кои ќе се преземат.
Еден од заклучоците е формирање на работна група од претставници на ЈП „Чистота и зеленило“, комунална инспекција, советници и претставници од ромска заедница, со цел да се утврдат времени локации за поставување на садови за собирање на смет (корпи и контејнери), кои ќе бидат поставени на критични места каде што се исфрла најголемо количество на отпад и се создаваат диви депонии (Бавчи, Стари Лозја, Багрем бања Средорек и на влез во населба Перо Чичо). Податоците кои ги има комуналната инспекција ќе ги проследи до СВР Куманово во однос на пронајдените сторители кои исфрлаат отпад, создаваат диви депонии и ги опожаруваат јавно-прометните површина за нивно понатамошно постапување.
- Се задолжува ТППЕ Куманово да отвори времен пункт на локација Спомен костурница и постојано дежурство на пожарникари за следење на состојбата со опожарување и нивна брза интервенција на насочените критични локации (Бавчи, Стари Лозја, Багрем Бања Средорек и на влез во населба Перо Чичо), информираа од општината.

Штабот бара од СВР Куманово да воведе позорникарски служби во наредниот критичен период на посочените локации, поголемо ниво на контрола и превенција од опожарување и создавање на диви депонии, како и исфрлање на смет во речното корито.
- Се задолжува Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата да организира состанок во следните три дена со сопственици на земјоделски машини и мотокултиватори, кои се занимаваат со давање на услуга. На состанокот да се поканат и претставници на СВР Куманово и комунална инспекција за превенција и решавање на проблемите за неконтролирано исфрлање на смет и градежен отпад на поголем број локации на градот, додаваат од општина Куманово.
Од штабот апелираат до граѓаните да не опожаруваат стрништа и суви треви (особено во наредниот период), како и да не се фрлаат отпушоци, за да не дојде до појава на пожари.
- Исто така, ОШЗС апелира до граѓаните сите забележани пожари на отворени површини и лица коишто фрлаат отпад и шут на јавно-прометни површини и речното корито, да се пријават на дежурните телефони 193, 112 и 075/221-372.Да се достави допис до Македонски железници за проверка на трасата во делот кај селата Агино село, Романовце и Лопате, поради честа пријава од граѓани дека на тие делови покрај железничката пруга доаѓа до искрење на жици и можност од појава на пожари. Да се достави допис до ЕВН Македонија и АД МЕПСО за проверка на високонапонска мрежа – далноводи и затегнување на жици на територија на Општина Куманово, како можен причинител за појава на пожари поради искрење на истите, се вели во соопштението на општина Куманово. ам/дма/
Фото: Општина Куманово