Советот на Општина Делчево ја пушти во функција дигиталната платформа opstinskisovet.mk
- Четвртата редовна седница денеска се одржa како прва официјална електронска седница на Советот на општина Делчево.
Делчево, 30 јануари 2026 (МИА) - Советот на Општина Делчево од денеска официјално ја пушти во целосна функција новата дигитална платформа opstinskisovet.mk, со што четвртата редовна седница на Советот беше и првата електронска седница во историјата на општината.
Како што информира претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски, платформата е ставена во употреба по успешно спроведената обука на советниците и административниот тим и овозможува целосно дигитално водење на постапката, електронско доставување и објавување на материјалите, електронски дневен ред и електронско гласање.
– Со оваа платформа обезбедуваме целосна транспарентност, бидејќи сите документи, предлог-одлуки, извештаи и записници ќе бидат јавно достапни во реално време, како на платформата, така и на официјалната веб-страница на општината, www.delcevo.gov.mk, изјави Стојменовски.
Тој нагласи дека дигитализацијата значително ќе придонесе за поголема ефикасност во работата на Советот, намалување на трошоците за печатење и дистрибуција, како и побрзо и пофлексибилно функционирање, особено во услови кога е можно одржување електронски седници.
Дополнително, преку платформата се овозможува и лесен пристап за граѓаните, кои ќе можат да се најават како гости, да ги прегледуваат материјалите, да ги следат седниците и навремено да се информираат за донесените одлуки.
– Ова е важен чекор кон модерна и дигитална локална самоуправа, во согласност со националните политики и заложбите за отворена и одговорна институција, истакна претседателот на Советот.
Од Општина Делчево информираат дека седниците и понатаму ќе се пренесуваат во живо преку официјалните канали на општината, а граѓаните се повикани уште од утре да ја посетат платформата opstinskisovet.mk и да се регистрираат како гости. вс/вј/
Фото: МИА