• сабота, 22 февруари 2025

Собраниска седница во 14 часот, ќе се гласа за кандидатите за членови на Советот на ААМВУ

Собраниска седница во 14 часот, ќе се гласа за кандидатите за членови на Советот на ААМВУ

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Собранието денеска во 14 часот треба да ја продолжи 34-тата седница на која треба да се гласа за кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За да бидат изгласани кандидатите за членови на Советот потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидатите за членови на Советот на Агенцијата. Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

Премиерот Христијански Мицкоски неодамна во изјава за медиумите рече дека изборот на кандидати е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој ги исполнува, може да ја врши таа функција.

- Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, истакна Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција рече дека во рамки на пратеничката група ги разгледале сите CV на кандидатите за членови на Агенцијата и сметаат дека сите критериуми се запазени.

- Тоа се луѓе што имаат соодветна експертиза во таа работа, не се тоа само партиски луѓе. Ќе се вратам назад кога тој закон беше донесен, иако сега мандатот долго време на тие луѓе е поминат, целта беше токму тоа да не доминира мнозинството и ние го поддржавме зошто, принципиелно нашата иницијатива да биде така конструиран законот беше токму тоа, да има претставници од политичките партии на власта и на опозицијата и мислам дека тоа е здраво. Секако, тоа не треба да ја стави на страна експертизата на луѓето кои што го работат тоа, изјави Филипче. бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан