Со еколошка акција на Општина Кисела Вода и Црвен крст до позитивни промени во општеството
- Вакви акции ќе се реализираат редовно, во неколку наврати, сè до крајот на месец април, се појаснува во соопштението.
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Општинската организација на Црвениот крст во Кисела Вода, во соработка со локалната самоуправа, започна голема еколошка акција. Оваа иницијатива е дел од активностите за промоција на хумани вредности, преку што младите со својот ангажман прават позитивни промени во општеството, се наведува во денешното соопштение на Општина Кисела Вода.
- Денеска се чисти левата страна на патеката кон населеното место Драчево, на потегот од бензинската пумпа до семафорите во населбата Пинтија. Вакви акции ќе се реализираат редовно, во неколку наврати, сè до крајот на месец април, се појаснува во соопштението.
Во пишаната изјава на градоначалничката Бети Стаменкоска - Трајкоска се истакнува дека силно се поддржуваат ваквите еколошки иницијативи, преку што младите со креативност и труд, директно придонесуваат за општината.
- Голема благодарност до Црвен крст - Кисела Вода, до нивниот секретар, до младите волонтери и нивниот ментор, како и до Андреј Рајатоски, на социјалните мрежи попознат како „Градинарот“, кој со својот личен пример, мотивира. Ова е доказ дека кога институциите, хуманитарните организации и општествено одговорните поединци работат заедно, резултатите се видливи. Со подигнувањето на свеста кај младите за одржување на чиста животна средина, градиме поубава и поздрава иднина за сите нас во Кисела Вода, додава градоначалничката. бд/са/
Фото: Општина Кисела Вода