Сиљановска-Давкова: Потребен системски пристап во решавањето на проблемите на младите и парламентарен надзор над спроведувањето на законот за младинско учество
- Советот за млади, со учество на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, организираше панел-дискусија по повод пет години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, на која се разговараше за имплементацијата на законот, воочените проблеми и потребните предлог-измени.

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Советот за млади, со учество на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, организираше панел-дискусија по повод пет години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, на која се разговараше за имплементацијата на законот, воочените проблеми и потребните предлог-измени.
На почетокот на настанот, како што информираат од Кабинетот на претседателката, со едноминутен молк присутните ѝ оддале почит на трагично настраданата Фросина Кулакова. Тие упатиле апел до надлежните институции што е можно побрзо да го расветлат случајот и да ја задоволат правдата.
Како што се наведува во соопштението, панелистите споделија лични искуства од работењето во младинските тела и дадоа предлози за поефективно младинското учество во креирањето политики. Во расправата младите укажаа на отсуството на институционална поддршка и механизми за активно учество, како и на финансиската неизвесност на младинските центри што влијае на нивната функционалност.
Биле воочени низа слабости: сѐ уште не се формирани клучните координативни тела, Националното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики, само во неколку општини се основани младински центри, а во повеќе од половина општини нема Локални младински совети, ниту се усвоени локални стратегии.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакнала потребата од системски пристап во решавањето на проблемите на младите, како и парламентарен надзор над спроведувањето на законот. Со оглед на одамна пречекорените законски рокови за формирање на клучните младински тела, таа смета дека дека во отсуство на институционална рамка постои опасност законот да биде правна илузија.
Голем дел од дискутантите побарале поактивна улога на новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади во овозможувањето на учество на младите во креирањето на младинските политики.
Расправата била модерирана од Филип Ивановски, член на Советот за млади, а на панелот се обратиле Арта Ќерими, поранешен член на Локалното собрание на млади на град Скопје, Мартин Крстиќ, службеник за млади во општина Куманово, Мартина Јачевска, координатор на Младинскиот центар-Пробиштип и Софија Волчевска, претседател на локалниот младински совет во општина Кисела Вода, стои во соопштението. фф/вг/
Фото: Кабинет на Гордана Сиљановска-Давкова