Сиљановска-Давкова: Пораката на Св. Климент да биде наш водич и инспирација за да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење
- - Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро. Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење, вели Сиљановска-Давкова.
Скопје, 8 декември 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до сите верници од православна вероисповед по повод државниот празник Свети Климент Охридски.
Во честитката претседателката вели дека пред нас е голема задача одново да ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата.
- Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро. Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење, вели Сиљановска-Давкова.
Посочува дека споменот за охридскиот светител е врежан не само во македонската, туку и во колективната меморија на целото словенство.
- Како што неговиот лик ги краси нашите храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи. Најголемото наследство на Св. Климент се писменоста и вредностите што им овозможиле на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина. Охридската книжевна школа и духовното и уметничко богатство оставиле печат врз европската цивилизација, надживувајќи империи, системи и идеологии заради трајна вредност и човечка универзалност,се наведува во честитката од претседателката на државата. бак/
Фото: МИА архива