• понеделник, 15 декември 2025

Сијарто: Со забраната на увоз на руски гас, ЕУ ги крши сопствените прописи

Сијарто: Со забраната на увоз на руски гас, ЕУ ги крши сопствените прописи

Брисел, 15 декември 2025 (МИА) – Со мерката за забрана на увоз на руски гас, Европската Унија ги крши сопствените прописи, бидејќи Договорот на ЕУ многу јасно укажува дека енергетските прашања се во национална надлежност на земјите членки, одредба што во овој случај би била прекршена, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

- Дополнително, оваа мерка е целосно спротивна на проценката на Европската комисија и плус би ја довело во опасност енергетската безбедност на Унгарија. Тоа е нешто што не можеме да го прифатиме, рече Сијарто.

Тој потврди дека Унгарија и Словачка се договориле за заеднички напори за судско оспорување на мерката за постепена забрана за увозот на руски гас во ЕУ.

- Правните работи во основа се завршени, па штом одлуката официјално биде објавена, ќе имаме законска можност да поднесеме тужба и ќе го сториме тоа штом ќе биде правно можно, додаде Сијарто.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште минатиот месец ја оспори легалноста на забраната за увоз на руски гас, нагласувајќи дека ЕУ ја третира како трговска мерка, а не како санкција, што според него, реално и е.

Согласно правилата на ЕУ, трговските мерки се носат со квалификувано мнозинство, додека за воведување санкции е потребен консензус на сите земји членки.

- Ние не го прифаќаме ова очигледно незаконско решение спротивно на европските вредности, кое беше избрано од Брисел за да се замолчат националните влади кои не се согласуваат со него. Затоа ќе се обратиме до Европскиот суд на правдата, изјави Орбан минатиот месец во интервју за унгарското државно радио.

Претставниците на Европскиот парламент и земјите членки на Унијата на почетокот на месецов постигнаа договор за текстот на Предлог-регулативата да забрана на увоз на руски гас и сега останува таа уште официјално да биде одобрена од европратениците и од Советот на ЕУ, по што би стапила во сила по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската Унија. сп/сд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан