Семејствата на 25 жртви на јужноафриканскиот апартјхејд поднесоа тужби против претседателот Рамафоса
- Семејствата на 25 јужноафрикански жртви и преживеани од политичките злосторства од ерата на апартхејдот го тужеа јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и неговата влада за наводен неуспех правилно да ги истражат злосторствата и да обезбедат правда.

Преторија, 23 јануари 2025 (МИА) - Семејствата на 25 јужноафрикански жртви и преживеани од политичките злосторства од ерата на апартхејдот го тужеа јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и неговата влада за наводен неуспех правилно да ги истражат злосторствата и да обезбедат правда.
Групата бара отштета од околу 167 милиони ранди (9 милиони американски долари), според случајот поднесен во Високиот суд во главниот град Преторија, во понеделникот и денеска споделен од Фондацијата за човекови права, невладина организација која ги поддржува семејствата.
Тие, исто така, бараат налог со кој Рамафоса ќе биде принуден да формира истражна комисија за „политичко мешање што резултираше со сузбивање (информации за) неколку стотици сериозни злосторства кои произлегуваат од минатото на Јужна Африка“, се вели во соопштението објавено од Фондацијата.
Портпаролот на претседателот на таа земја рече дека неговиот правен тим ќе одговори на судските документи и дека претседателот никогаш не се мешал во работата на агенциите за спроведување на законот ниту им налагал да не ги гонат злосторствата од ерата на апартхејдот.
Јужна Африка ја формираше Комисијата за вистина и помирување (ТРЦ) во 1996 година за да ги открие прекршувањата на човековите права за време на апартхејдот, а во 2002 година Комисијата предаде список од неколку стотици случаи на државните обвинители за понатамошна истрага, од кои многу никогаш не беа кривично гонети. паг/
Фото: МИА архива