• сабота, 22 февруари 2025

Русија соопшти дека е одбиена новата украинска офанзива во Курскиот регион

Русија соопшти дека е одбиена новата украинска офанзива во Курскиот регион

Москва, 6 февруари 2025 (МИА) –  Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека се одбиени сите украински напади во западниот руски Курски регион, јави ДПА.

Министерството соопшти дека нападите на Украина биле фокусирани на селата Уланок и Черкаскаја Конопелка, но дека и двете се останати под руска контрола.

Ова руско тврдење за состојбата на бојното поле засега е невозможно да се потврди од независен извор, наведе германската агенција, а немаше ниту коментар од официјалните лица во Киев.

Ова според интензитетот е втората ненадејна офанзива годинава на украинските сили во рускиот регион што граничи со Украина, додава ДПА.

Рускиот телеграм канал Шот соопшти дека Украинците се обидуваат да напредуваат од малиот град Суџа, што го окупираа пред неколку месеци, и да направат територијални придобивки со контингент оклопни возила и околу 400 војници.

На почетокот на јануари Украина започна ограничена, и на крајот се покажа, неуспешна  офанзива со цел да го прошири своето поврзување на руска територија, потсетува ДПА.

Новиот напад се случува точно шест месеци по првото напредување на Украинците на руска територија, што претставуваше значајна пресвртница во речиси тригодишната војна.

Украинските власти гледаат на територијалното освојување во Курск, дури и доколку е релативно мало, како пазар за идните мировни преговори со Русија.

„Утре се навршуваат шест месеци од почетокот на операцијата Курск - критичен чекор за нашата борба. Во одреден момент, кога војната ќе се движи кон дипломатско решение, ќе видите колку е важна оваа операција“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа на платформата Х.

„Нивните сили се заглавени како магнет - тие имаат над 60.000 војници на овој фронт“, продолжи тој.

Минатиот август, украинските сили зазедоа повеќе од 1.000 квадратни километри од областа Курск. Во текот на следните месеци, руските контра напади ја намалија окупираната област на помалку од половина од таа големина.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан