Романија: Премиерот Боложан ги претстави приоритетите за економијата и безбедноста пред амбасадорите на ЕУ
- Во контекст на неодамнешното претставување на пакетот за проширување за 2025 година од страна на Европската комисија, Боложан изјавил дека Романија го поддржува процесот на проширување и дека се потребни решенија за да може Република Молдавија и Украина да ги отворат кластерите во рамките на преговорите за пристапување во ЕУ што е можно поскоро.
Букурешт, 12 ноември 2025 (МИА) – Романскиот премиер Илие Боложан денеска ги претстави приоритетите во сферата на економијата и безбедноста на средба со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ и на Европската комисија, организирана во контекст на ротационото претседателство на Данска со Советот на ЕУ (втората половина на 2025 година), јави агенцијата Аџерпрес.
Во соопштението за медиумите од романската Влада се наведува дека премиерот Боложан му честитал на данското претседателство за неговите напори во две важни области на делување на европско ниво: безбедност и одбрана, како и економски развој и конкурентност.
Боложан посочил дека во економската област, приоритетите се насочени кон враќање на Романија во фискална рамка која ќе ги стабилизира финансиите на земјата и ќе создаде услови за развој и економски раст во наредните години. Според соопштението, акцентот во моментов е ставен на мерките за намалување на буџетскиот дефицит, имплементацијата на ревидираниот Национален план за закрепнување и отпорност и продолжувањето на процесот на административна реформа.
Во однос на зајакнувањето на безбедноста на Романија, целта на Владата е да ја модернизира опремата на армијата и да ја обнови романската одбранбена индустрија, вклучително и со искористување на можностите што ги нуди програмата SAFE (Safety Action for Europe), во која Романија има значително учество.
Романскиот премиер нагласил дека безбедноста на Црното Море останува главен приоритет за Романија и дека усвојувањето на стратегијата на ЕУ за Црното Море испраќа особено важна политичка порака за значењето што му се придава на регионот, особено во контекст на дестабилизирачкото влијание на руската агресија.
Романија ќе продолжи да ја поддржува Украина, вклучувајќи ги и напорите за постигнување траен и праведен мир, се вели во соопштението.
Во контекст на неодамнешното претставување на пакетот за проширување за 2025 година од страна на Европската комисија, Боложан изјавил дека Романија го поддржува процесот на проширување и дека се потребни решенија за да може Република Молдавија и Украина да ги отворат кластерите во рамките на преговорите за пристапување во ЕУ што е можно поскоро.
Романската Влада ги поддржува иницијативите на ЕУ за зголемување на европската конкурентност, насочени кон поедноставување на законодавството, обезбедување енергетска безбедност преку подобра меѓусебна поврзаност меѓу земјите членки, особено во однос на електричната енергија, и обезбедување прифатливи цени на енергијата, информираат од владината прес-служба.
- Треба да се најдат флексибилни решенија и за процесот на декарбонизација, за да не влијае на конкурентноста на претпријатијата или граѓаните, посочил Илие Боложан пред дипломатите.
Романскиот премиер, исто така, ја потврдил целта за пристапување на Романија кон Организацијата за економска соработка и развој во 2026 година. ссм/
фото: архива