• сабота, 21 декември 2024

Рокас за МИА: Со Планот за раст ќе се забрза процесот на пристапување, првата транша за земјава пред крајот на годинава

Рокас за МИА: Со Планот за раст ќе се забрза процесот на пристапување, првата транша за земјава пред крајот на годинава

Скопје, 13 октомври 2024 (МИА) - Планот за раст на Западен Балкан е солиден и силен проект, и првата транша за земјава убеден сум дека ќе биде исплатена на земјава пред крајот на годината, вели во интервју за МИА амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Михалис Рокас.

-Верувам дека реформската агенда, Планот за раст, е уникатна можност за земјите од Западен Балкан не само затоа што им овозможува да се постепено интегрираат во ЕУ и внатрешниот пазар, тоа исто така ја покажува заложбата за проширување како и да се забрза процесот на пристапување, но и тоа дека е потребен просперитет, бидејќи голем дел од просперитетот во ЕУ се базира на внатрешниот пазар, успехот на ЕУ-правилата, потенцира Рокас. 

Изрази уверување дека земјите во Западен Балкан забрзано ќе работат на воспоставување нивен регионален пазар, кој што, спред него, ќе ги олесни работите значително. 

-Механизмот овозможува флексибилност за Владата. Знаете, разликата меѓу ИПА-механизмите и Планот за раст е во тоа што механизмите на ИПА се за секторите, додека парите ќе може да се искористат согласно приоритетите на владата. Но, постепената интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ сметам дека е без преседан и е резултат на искреноста и приоритетот на ЕУ за проширување во време кога геополитиката се соочува со огромни предизвици. Цврсто веруваме дека одговорот е да имаме едно европско семејство, во кое секако ќе биде вклучен и Балканот, нагласи Рокас во интервјуто за МИА.

Реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово беа одобрени во петокот во рамки на новиот Инструмент за реформи и раст во износ 6 милијарди евра, познат како План за раст на Западен Балкан, објави унгарското претседателство со ЕУ. 

-Ова го трасира патот пре-финансирањето да започне за време на унгарското претседателство со Унијата. Поддршката на интеграцијата на Западен Балкан, останува клучен приоритет на унгарското претседателство, се наведува во соопштението.

Согласно Планот за раст на Западен Балкан вреден 6 милијарди евра, земјава треба да добие 750 милиони евра поделени на неколку транши, а првата транша од 7 проценти, односно 52,5 милиони евра, државава ќе ја добие најдоцна до крајот на годината.  

Според формулата од Регулативата за инструментот за реформи и раст, усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година. Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. нд/aa/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан