• сабота, 22 февруари 2025

Ристески: Го смиривме галопирачкиот раст на цените предизвикан од претходната влада 

Ристески: Го смиривме галопирачкиот раст на цените предизвикан од претходната влада 

Скопје, 2 февруари 2025 (МИА) – Мерките за замрзнување на цените што ги воведе една друга политичка гарнитура предизвикуваат галопирачки од и ценовен шок за граѓаните, бидејќи трговците и производителите сакаат да надоместат се што изгубиле во периодот кога цените биле замрзнати, порача заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески на денешната партиска трибина на тема „Цените го јадат стандардот на граѓаните, има ли решение?“, чија главна тема беа цените на производите, односно како тие се одразуваат на стандардот на граѓаните и кои се можните решенија за оваа проблематика.

-Притоа ниту трговците, ниту производителите не биле санкционирани, напротив тие биле ад хок оставени на слободниот пазар поради што понатаму доаѓа до несразмерно растење на цените. Со започнувањето на владеењето на оваа власт, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, ние имавме еден голем предизвик постепено да го смириме тој галопирачки од, бран кој следуваше од претходната власт и да дадеме еден добар импулс на едно благо да речам, покачување на цени и една нормална инфлација која на крајот од годината изнесуваше 3,5 отсто што е една од најниските инфлации во последниот период, констатира Ристески.

Според него, и тоа не е доволно и затоа, како што рече, Владата има нови мерки и одлуки кои се сосема поразлични од претходните, со цел да се заштити стандардот на граѓаните. 

- Во таа насока најпрво со „Есенската кошничка“ беше воведено ограничување на бруто профитната маржа со цел да не се прави штета на македонската економијата која понатаму индиректно влијае и на стандардот на граѓаните и на инфлацијата. Истовремено, со „Училишната кошничка“ пак, се ограничи оперативно профитната маржа што резултираше со одлични ефекти и стабилизирање на цените. Во тој период гледавме дека од месец септември кон месец октомври имавме и намалување на инфлацијата на рекордни, најниски 2,2 отсто што значи сме успеале во намерата, рече Ристески. 

Појасни дека како пазарна економија и со оглед на тоа што голем дел од економските експерти реагирале дека не е секогаш добро мешањето на владата со одлуки и мерки во цените на пазарот, било одлучено да се оди со „Новогодишната кошничка“ и да му се даде шанса на бизнис секторот да ја оправда својата општествена одговорност.

Тој напомна дека на ваквата мерка и претходеле опсежни разговори со стопанските комори, синдикатите, Организацијата на потрошувачи и другите невладини организации и оттаму произлегло решението да се направи „Новогодишната кошничка“ која потекнува од самиот бизнис сектор.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, пак, фокусот го стави на Законот за нефер трговски практики и за тоа што е направено изминатата недела во однос на потпишувањето на меморандумот, но и на однесувањето на трговците и што планира Владата да направи во насока на подобрување на стандардот на граѓаните.

За Законот за нефер трговски практики рече дека во четвртокот е потпишан меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето со Комисијата за заштита на конкуренцијата која е надлежна за спроведување на овој Закон.

- Откако ја презедовме власта прво го променивме законот во насока на професионализација на самата институција, сите пет члена ги направивме да бидат професионални и им дадовме можност да бидат дел од Комисијата за одлучување на прекршоци. Во четвртокот минатата недела се потпиша и меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето или да ги споделуваат и оние можности коишто ги имаат двете институции. Во петокот Министерството за финансии даде согласност за доекипирање на таа институција, мислам дека седум вработени дополнително ќе добијат, за да можат овие работи да ги решаваат, рече Стојаноски.

Упати апел до сите што се вклучени во трговскиот синџир дека повеќе нема да се толерира нефер однесување и порача да не се служат со трикови со кои го напаѓаат животниот стандард на граѓаните.

- Владата тоа нема да го дозволи во никој случај. Крајно време е производителите, добавувачите и трговците да го стават прстот на чело бидејќи таквото однесување нема повеќе да се толерира. Државата има инструменти коишто ќе ги искористи, и нема да остане немоќна. Во изминатата недела имаше ригорозни контроли, а така ќе биде и во текот на наредната недела. Ќе ги запознаеме граѓаните кои се резултатите. Немаме намера да се повлекуваме на ова нивно дивеење. Мислам дека треба да размислат и да сфатат дека од оваа битка нема да излезат како победници, бидејќи ние како Влада, како институции кои се олицетворение за граѓаните, нема да дозволиме ваквите случаи да станат секојдневие. Ќе ги казнуваме за таквото однесување, истакна Стојаноски. вј/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан