• четврток, 11 декември 2025

Ретроспектива на Марк Рапапорт во Кинотеката

Ретроспектива на Марк Рапапорт во Кинотеката

Скопје, 21 ноември 2025 (МИА) - Кинотеката на Македонија, во соработка со Ми Филм, од утре до 27 ноември ќе организира  ексклузивна ретроспектива  посветена на американскиот режисер, сценарист и пионер на експерименталниот есеистички филм – Марк Рапапорт. Ретроспективата ќе опфати секојдневни проекции со почеток во 20 часот.

-Рапапорт е еден од најоригиналните автори на независната киносцена, познат по својот уникатен пристап кон документарниот и играниот филм, своите револуционерни видеоесеи, како и по способноста да ги преосмислува историјата на филмот, актерските митологии и културните артефакти на Холивуд и Европа. Неговите филмови се прикажувани на најголемите фестивали во светот, а оваа ретроспектива претставува ретка можност македонската публика да види значаен дел од неговиот опус на големо платно, соопшти Кинотеката.

Посочува дека рестроспективата ја истражува неговата фасцинација со историјата на филмот, митологијата на холивудските ѕвезди, фикцијата, архивата, и односот меѓу перцепцијата и идентитетот.

-Рапапорт сè уште останува уникатен глас во современиот филмски есеј – вешто комбинирајќи архиви, интерпретација, фикција и поп-култура за да создава дела што долгорочно резонираат. Оваа ретроспектива претставува исклучителна можност домашната публика да се запознае со еден од најзначајните независни автори на нашето време, наведува Кинотеката. 

Како посебен настан во рамки на ретроспективата, во еден од деновите ќе биде организиран видеоразговор со Марк Рапапорт, по кој ќе следува сесија на прашања и одговори со публиката.

-Тоа е единствена шанса домашната публика директно да комуницира со авторот, да поставува прашања и да отвори разговор за процесот, естетиката и филмските идеи што го обликуваат неговиот опус. Публиката исто така ќе има можност да ја купи неговата последна арт-книга со колажи, Book of Dreams — лимитирано издание печатено во Македонија, веќе претставено на меѓународни фестивали и книжарници, се наведува во соопштението. 

Ретроспективата утре ќе биде отворена со документарниот филм од 2015 - „Јас, Далио“ и по него проекцијата на играната драма „Сценична рута“ од 1978 година. хс/вј/

Фото: Кинотека на Македонија 

 

 

Остани поврзан