Реал е во деликатна ситуација во одбраната, призна тренерот Анчелоти
- Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој е без многу свои дефанзивни играчи, призна дека е во тешка состојба пред дербито со Атлетико кое е од одлучувачка природа, пренесоа шпанските медиуми

Мадрид, 7 февруари 2025 (МИА) - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој е без многу свои дефанзивни играчи, призна дека е во тешка состојба пред дербито со Атлетико кое е од одлучувачка природа, пренесоа шпанските медиуми.
-Се наоѓаме во тешка ситуација. Мислам дека некои забораваат дека загубивме клучни дефанзивци, како Карвахал и Милитао, но сепак сме на сите турнири. Рудигер и Алаба ќе се вратат наскоро, но мора да се справиме без нив во овој важен момент од сезоната и мора да се потпреме на млади играчи или да ги смениме позициите со други, како Чуамени и Валверде. Ние сме во деликатна ситуација, изјави Италијанецот на својата прес-конференција.
Запрашан за војната што Реал им ја објави на судиите и за зборовите на претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас дека клубот ја „изгубил главата“, тој повтори дека „сакаат само објаснувања“ за очигледната грешка на мечот со Еспањол, според него.
-Не би зборувал повеќе за тоа. Но, Тебас може да биде сигурен, никој овде не го изгубил умот, ние само сакаме објаснување за тоа што се случи и сакаме да го промениме системот, од кој очигледно никој не е задоволен. Сите други ги обвинуваат судиите дека му помагаат на Реал, но кога им предлагаме да ги сменат работите, тие не сакаат, додаде Анчелоти.
Тренерот, исто така, рече дека Лигата не се согласила да ги испрати аудио снимките од разговорите меѓу судијата и ВАР судиите за прекршокот на играчот на Еспањол против Мбапе.
-Сакавме да ги слушнеме снимките. Сакаме да знаеме што се случи во таа ситуација, нема ништо необично, застана тој во одбрана на својот клуб.
Анчелоти е убеден дека неговиот тим треба да биде поцврст во одбраната отколку на последните три натпревари.
-Солидноста во одбраната е клучна, таа може да ви помогне да се спасите во натпревар каде напаѓачите не се ефективни. Мислам дека нашите четворица офанзивни играчи (Мбапе, Винисиус, Белингем, Родриго) постигнаа сами повеќе од 60 гола, што е многу. Но цврстината може да се обезбеди само со напорите на сите, заклучи Карло Анчелоти. дс
Фото: Архива