• сабота, 22 февруари 2025

Реакција на Филозофското друштво на Македонија на нацрт-концепцијата за гимназиско образование

Реакција на Филозофското друштво на Македонија на нацрт-концепцијата за гимназиско образование

31 јануари 2025

 

МИСЛЕЊЕ

НА ФИЛОЗОФСКОТО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ОДНОС

НА ПРЕДЛОЖЕНАТА КОНЦЕПЦИЈА И НАСТАВНИОТ ПЛАН ЗА ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ,

ОБЈАВЕНА ВО ЈАНУАРИ 2025

Една од основните цели на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) е грижата за содржината, методологијата, квалитетот и примената на современата настава од корпусот филозофски дисциплини. Затоа, наша должност е да се вклучиме во јавната расправа за предложената Концепција за гимназиско образование од која произлегува наставниот план, како и образложението за неговата примена од авторите од Бирото за развој на образованието (БРО) при Министерството за образование и наука (МОН).

Согласни сме со потребата од реформи во гимназиското образование, вклучувајќи ги и наставните програми по предметите Филозофија, Логика и Етика. Меѓутоа не го поддржуваме предложениот наставен план во кој се менува статусот на овие предмети, како и со аргументацијата за оваа промена. Во Концепцијата, задолжителниот предмет Филозофија за IV година преминува во групата изборни предмети, а досегашните изборни предмети Етика, Логика и Филозофија целосно се исклучуваат од наставата!?

Соочени сме, за жал, со обид за маргинализирање или целосно отстранување на филозофските предмети, што младите (не само во гимназиите) треба да ги оспособуваат во осмислувањето на животот со хуманистичка парадигма!? Како можеме да очекуваме критичка, морална, одговорна и отчетна личност, граѓанин на светот, без двете незаменливи дисциплини Логика и Етика, што не се само теоретски дисциплини? Зашто, релевантни истражувања покажуваат дека изучувањето на филозофскиот курикулум од најрана возраст значително ги подобрува постигнувањата на учениците и по другите наставни предмети (Дејвис Ларсон /David Larsson/, Данска).

Еве ги основните факти и аргументи:

- Предложениот наставен план, од кој се исклучуваат стожерните општествено-хуманистички дисциплини, НЕ може да ги оствари своите цели за гимназиско образование („развивање на критичко размислување, истражувачки способности и вештини за решавање проблеми; обезбедување писменост и комуникациски вештини; поттикнување на самодоверба, свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки; градење на национален, етнички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство; подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот; свест за климатските промени, одржливиот развој и зелените компетенции“). Најважната човекова интелектуална вештина е критичкото мислење што е невозможно без филозофијата, затоа што тaа ги поврзува логичката и вредносната (етичката) компонента на мислењето, што го нема во ниту една друга дисциплина.

- Предложената концепција отстапува од препораките на УНЕСКО за поголема застапеност на филозофските предмети во образованието. https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000214089

Меѓу препораките кои се упатени до националните институции за креирање образовни политики во овој документ се и следниве:

· Да се поттикнува елаборирањето на образовни политики што ѝ даваат целосен, заокружен и автономен простор на филозофијата во курикулумите на средното и на високото образование;

· Да се реафирмира ставот дека образованието придонесува кон градење на интелектуалната автономија на индивидуите и да се отфрли сведувањето на образовниот процес единствено на инструментални техники и компетенции;

· Да се реафирмира клучната важност на филозофското образование за критичкото мислење и да се преземат дејства за негово зајакнување;

· Да се работи со релевантните фактори во правец на повторното воведување на филозофијата таму каде што е отстранета од курикулумите и да се засили таму каде што веќе постои;

· Да се избегнува подложувањето на филозофската дејност на практиките на евалуација и индикаторите на перформанси што не се компатибилни со специфичноста, смислата и суштината на оваа дисциплина. (https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000214089, стр. 81)

- Предметот Филозофија се изучува како задолжителен во големо мнозинство од европските земји, меѓу кои се и оние кои често се посочуваат како примери за успешно спроведување на образовните програми (Финска, Франција, Германија, Италија, Шпанија и др.), како и земјите во регионот (Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и др.) https://eurydice.eacea.ec.europa.eu/national-education-systems

-Предложениот наставен план, исто така, ги занемарува децениските заложби на Филозофското друштво на Македонија за промовирање на филозофската култура и образование. (Настани - Филозофско друштво на Македонија).

Меѓу активностите на Друштвото кои директно се насочени кон збогатување на филозофското образование се и:

· Организирање средношколски натпревари по филозофија, вклучително и натпреварот за филозофската олимпијада;

· Публикување успешни ученички трудови;

· Филозофски работилници и предавања;

· Научни симпозиуми и конференции;

· Учество како носител на ERASMUS+ проектот “SOPHIE – Philosophy With Children for Wider Social Inclusion” којшто резултираше со воведување на слободниот изборен предмет Филозофија за деца во основните училишта (Наставни програми за слободни изборни предмети – Биро за развој на образованието).

На крајот, Филозофското друштво на Македонија повикува на смирување на бурната реакција во јавноста преку демократски и стручен дијалог на засегнатите страни. Од можната реконцептуализација на гимназиското образование би произлегол современ кохерентен концепт и применлив модел на наставен план, а оттука и на наставните програми по филозофските дисциплини. При тоа, ја нудиме нашата стручна и логистичка помош при конечната изработка на наставните програми и методологија на корпусот филозофски предмети.

 

 

Скопје, 30 јануари 2025 г.                                                                 Филозофско друштво на Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан