Реакција на Здружението на класични филолози „Антика“ на нацрт-концепцијата за гимназиско образование
- СООПШТЕНИЕ - Здружението на класични филолози „Антика“ ја отфрла предлог-концепцијата во однос на предметот Латински јазик, поради тоа што се сведува на целосно изборен предмет, што значи дека учениците нема да имаат можност претходно да се запознаат со предметот, за да знаат дали воопшто сакаат да го изберат.

31 јануари 2025
Здружението на класични филолози „Антика“ ја отфрла предлог-концепцијата во однос на предметот Латински јазик, поради тоа што се сведува на целосно изборен предмет, што значи дека учениците нема да имаат можност претходно да се запознаат со предметот, за да знаат дали воопшто сакаат да го изберат. Со оглед на интердисциплинарноста на латинскиот јазик, сметаме дека предметот треба да биде задолжителен и дека барем во една година сите гимназијалци ќе имаат можност да ја запознаат и согледаат сеопфатноста и применливоста на предметот.
Латинскиот јазик е основа на странските јазици кои се изучуваат во гимназиите во Р. Македонија и поради тоа го олеснува нивното изучување. Околу 70% од зборовите во англискиот јазик се со латинско потекло. Францускиот, италијанскиот и шпанскиот јазик потекнуваат директно од латинскиот јазик, а германската граматика е конципирана според латинската граматика. Безброј пати учениците констатирале дека подобро ги разбираат овие јазици, откако имале можност да учат латински јазик. Латинскиот јазик традиционално е и јазикот на науката (природните и правните науки), каде стручната терминологија е на латински и на старогрчки јазик. Латинскиот јазик ја подобрува писменоста и способноста за изразување на мајчиниот јазик. Со осознавањето на правилното значење на латинизмите во македонскиот јазик, учениците учат подобро да се изразуваат, пишуваат и читаат – нешто што им е неопходно, независно од тоа што ќе решат да студираат во иднина. Латинскиот јазик заедно со класичната култура го расветлува културното наследство на Македонија од хеленистичкиот период, особено преку епиграфските споменици напишани на латински јазик.
Според споредбената анализа на искуства и состојби со класичното образование на ниво на средно гимназиско образование во земји од опкружувањето и од Европа, направена на примерок од десетина земји, покажува дека во сите овие земји (Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Италија, Германија, Холандија, Обединетото Кралство, Швајцарија, Русија), но и во повеќето други има профил на класично-гимназиско образование, постојат класични гимназии или гимназии кои се нарекуваат поинаку (јазична, филолошка, хуманистичка, за стари јазици, класичен лицеј и сл.), а според содржините во курикулумите соодветсвуваат на класични гимназии. Траењето на класичното гимназиско образование е од 4 до 7 години. Носечки/профилирачки предмети без исклучок се класичните јазици, некаде со книжевност и/или култура/цивилизација, застапени со најмалку 2, а најмногу 6 часови неделно. Со класичното образование се асоцирани и други предмети со статус или на задолжителни или на изборни предмети. Такви најчесто се: Увод во општа лингвистика, Лингвистика, Основи на преведување; Историја на уметност, Историја на музиката, Историја на класичното образование, Етнологија; Античко наследство, Античка драма, Античка костимографија, Реторика, Новогрчки, Етика, Филозофија, Историја (и цивилизација).
Со оглед на тоа што во Р. Македонија не постои класична гимназија, што е незамисливо за една културна земја со елитно образование, останува искуството од горенаведените земји да се модифицира и делумно да се примени во посточеките гимназии, во кои латинскиот јазик (+ класична култура) би бил задолжителен предмет барем во едно годиште, а можноста за продлабочено изучување на латинскиот и старогрчкиот јазик да им бидат понудени на учениците како изборни предмети.
Ја поздравуваме желбата за промена во гимназиското образование, но не за вака кратко време и без претходно консултирање со наставниците, кои се директно инволвирани во наставниот процес и ги знаат сите предности и недостатоци на наставата.
Претседател на ЗКФМ „Антика“
Слободан Танасковски
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.