Рајан Нокс за МИА: Регионалниот модел го трансформира управувањето со отпад од низа од парцијални локални решенија во модерна јавна услуга
- Системот за управување со отпад во Северна Македонија се наоѓа на пресвртница. Земјата има усвоено солидна законска регулатива усогласена со стандардите на ЕУ, но имплементацијата сè уште заостанува. Системот и понатаму е фрагментиран, со нееднаква покриеност со услуги, многу низок процент на рециклирање и зависност од депонии кои не ги исполнуваат пропишаните стандарди - вели во интервју за МИА Рајан Нокс, извршен директор на Салар интернешнл, составен дел на Шведската асоцијација на локални власти и региони, која е своевиден пандан на ЗЕЛС. Тој додава дека сепак сè повеќе општини почнуваат да гледаат на управувањето со отпад не само како на трошок, туку и како на можност, поврзана со јавното здравје, заштита на животната средина и, што е многу важно, пристапување кон ЕУ.
Скопје, 2 мај 2026 (МИА)
Ана ЦВЕТКОВСКА
-Системот за управување со отпад во Северна Македонија се наоѓа на пресвртница. Земјата има усвоено солидна законска регулатива усогласена со стандардите на ЕУ, но имплементацијата сè уште заостанува. Системот и понатаму е фрагментиран, со нееднаква покриеност со услуги, многу низок процент на рециклирање и зависност од депонии кои не ги исполнуваат пропишаните стандарди - вели во интервју за МИА Рајан Нокс, извршен директор на Салар интернешнл, составен дел на Шведската асоцијација на локални власти и региони, која е своевиден пандан на ЗЕЛС. Тој додава дека сепак сè повеќе општини почнуваат да гледаат на управувањето со отпад не само како на трошок, туку и како на можност, поврзана со јавното здравје, заштита на животната средина и, што е многу важно, пристапување кон ЕУ.
Нокс оваа недела учествуваше на Регионалниот форум за управување со отпад „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“, што се одржа Скопје во организација на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од Салар интернешнл, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.
-Нашата неодамнешна студија за влијанието на ЕУ пристапниот процес врз локалните власти јасно покажува дека овој сектор е клучна влезна точка за реформи, каде што напредокот може да го забрза усогласувањето со стандардите на ЕУ и да донесе видливо подобрување за граѓаните, вели Нокс.
Граѓаните во сите 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион годинава ќе добијат канти за одложување и селекција на отпад, а јавните комунални претпријатија камиони во различни големини за ефикасно собирање на отпадот. Инвестициите се претходница на реализацијата на Регионалниот центар за управување со отпад, кој, за потребите на 350.000 жители од двата региони ќе се гради во општината Новаци. Освен една централна депонија, центарот ќе има и четири претоварни станици, како и повеќе собирни центри. Регионалниот центар ќе треба да затвори 16 депонии што во моментов работат без никави стандарди.
За проектот се веќе обезбедени финансиски средства преку заем од ЕБРД, како и од грантови од Шведска и од Швајцарија. Формиран е и Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во кој се сите 18 општини од двата региона, а во наредниот период ќе треба да се формира и регионално комунално претпријатие.
Во интервјуто за МИА, Нокс говори токму за овој процес, за придобивките од регионалниот систем за управување со отпад, за поддршката која Салар интернешнл им ја дава на македонскит власти, за шведските практики и она што може оттаму да се примени на македонско тло.
Нокс нагласува дека најголемата придобивка е во тоа што регионалниот модел го трансформира управувањето со отпад од низа од парцијални локални решенија во модерна јавна услуга.
-Денес, многу општини работат независно, честопати без потребните ресурси за ефективно управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) го менува тоа преку поттикнување на меѓуопштинската соработка, овозможувајќи им на општините да ја споделат инфраструктурата, експертизата и трошоците, вели тој.
Во продолжение следува интервјуто со извршниот директор на Салар интернешнл, Рајан Нокс во целост:

Учестувавте на Регионалниот форумот за управување со отпад во Скопје, што се одржа пред неколку дена. Како би ја оцениле моменталната состојба во Македонија, кои се главните предизвици со кои се соочуваат општините?
-Системот за управување со отпад во Северна Македонија се наоѓа на пресвртница. Земјата има усвоено солидна законска регулатива усогласена со стандардите на ЕУ, но имплементацијата сè уште заостанува. Системот и понатаму е фрагментиран, со нееднаква покриеност со услуги, многу низок процент на рециклирање и зависност од депонии кои не ги исполнуваат пропишаните стандарди. Процесот на децентрализација во земјата беше повеќе институционален отколку функционален. Како резултат на тоа, општините имаа многу обврски, но честопати без потребните ресурси. Ограничениот технички капацитет, слабите системи за наплата и ниските тарифи создаваат маѓепсан круг, каде што услугите не можат да се подобрат бидејќи се недоволно финансирани, а граѓаните, пак, не сакаат да плаќаат за неквалитетни услуги. Постои и политичка димензија. Инфраструктурните проекти, како што се градењето на депониите или претоварните станици, знаат да бидат чувствителни прашања, особено за време на избори. Ова знае да го одложи носењето одлуки и да ги забави реформите. Сепак, забележуваме постепена промена. Сè повеќе општини почнуваат да гледаат на управувањето со отпад не само како на трошок, туку и како на можност, поврзана со јавното здравје, заштита на животната средина и, што е многу важно, пристапување кон ЕУ. Нашата неодамнешна студија за влијанието на ЕУ пристапниот процес врз локалните власти јасно покажува дека овој сектор е клучна влезна точка за реформи, каде што напредокот може да го забрза усогласувањето со стандардите на ЕУ и да донесе видливо подобрување за граѓаните.
Клучна реформа е воведувањето на регионален систем за управување со отпад. Што го прави овој систем подобар од сегашниот модел?
-Најголемата разлика е во тоа што регионалниот модел ја заменува фрагментираноста со соработка и испорака на услуги. Денес, многу општини работат независно, честопати без потребните ресурси за ефективно управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) го менува тоа преку поттикнување на меѓуопштинската соработка, овозможувајќи им на општините да ја споделат инфраструктурата, експертизата и трошоците. Ова овозможува изградба на модерни објекти, подобрување на ефикасноста и исполнување на еколошките стандарди на ЕУ. Исто така, се воведуваат појасни управувачки структури, како што е Регионалниот одбор за управување со отпад и, набрзо, регионалното јавно претпријатие, кои ја зајакнуваат отчетноста. За граѓаните, придобивките се многу конкретни: поквалитетни услуги, почиста животна средина и подобри можности за рециклирање. Клучната инфраструктура, како што се регионалните депонии, претоварните станици и собирните центри за отпад, заедно со воведувањето на селекција на отпадот и постепеното затворање на дивите депонии, обезбедува почиста и побезбедна средина. Во суштина, ова го трансформира управувањето со отпад од низа од парцијални локални решенија во модерна јавна услуга.

Салар интернешнл тесно соработува со македонски партнери. Кои се клучните резултати досега?
-Проектот се фокусираше на поставување на темелите за долгорочни промени. Едно од главните достигнувања е изработката, усвојувањето и успешната реализација на Локалните акциски планови во 15 партнерски општини. Овие планови ги преточија Националната стратегија и Регионалниот план за управување со отпад (РПУО) во конкретни, оперативни локални активности и се развиени преку инклузивен процес во кој беа вклучени вработените во општините, во јавните претпријатија и граѓаните. Јакнење на капацитетите исто така беше во фокусот. Преку обуки, менторство и студиски посети, особено во Шведска и Србија, каде што Салар интернешнл поддржува слични иницијативи, градоначалниците и техничкиот кадар од општините и од јавните комунални претпријатија стекнаа практични знаења и, уште поважно, нова перспектива за тоа што е остварливо. Дополнително, со поддршка на шведски и македонски експерти, создадени се низа алатки и методологии кои им помагаат на општините во планирањето, имплементацијата и донесувањето одлуки. Поддржавме и реален напредок во меѓуопштинската соработка. Основањето на Регионалниот одбор за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион е особено значајно, бидејќи сигнализира зголемена посветеност кај општините. Една од неговите први одлуки беше да се иницира изработка на нов регионален план, процес кој започнува по Форумот. Исто така, вклученоста на граѓаните почна да се подобрува. Преку кампањи за подигнување на свеста, училишни програми и пилот-иницијативи за селекција на отпад, општините сè повеќе се отвораат за дијалог со граѓаните и граѓанските организации, поддржани од методологијата воведена од Салар интернешнл. Иако мали, ова се важни чекори кон промена на однесувањето, градењето доверба и обезбедувањето долгорочна одржливост на системот.

Шведска често се опишува како земја со еден од најнапредните системи за управување со отпад во светот. Што го прави шведскиот модел успешен и зошто е интересен за другите земји?
-Шведскиот систем за управување со отпад често е предмет на меѓународен восхит, но треба да бидеме скромни во тој поглед. Тој се градеше со децении и сè уште се развива, особено кога станува збор за превенција, повторна употреба и рециклирање. Сепак, резултатите се јасни: депонирањето е сведено на минимум, на отпадот се гледа како на ресурс, а општините нудат квалитетни услуги насочени кон граѓаните. Она што го прави системот функционален не е само технологијата. Тоа е комбинација од долгорочни политики, јасни одговорности, меѓуопштинска соработка и силна доверба кај јавноста. Општините често соработуваат преку заеднички претпријатија за отпад, што им овозможува да работат ефикасно и во голем обем. Шведска е исто така проактивна во однос на легислатива за заштита на животната средина на ЕУ, третирајќи ја како двигател за иновации, а не само како обврска за усогласување. Ова е клучна лекција за земјите како Северна Македонија, каде што пристапувањето кон ЕУ може да ги забрза реформите само доколку тие се придружени со соодветен локален капацитет и отчетност. Постои голем меѓународен интерес за шведските решенија. Преку нашите партнерства и соработката со Team Sweden Smart Cities, гледаме дека земјите не бараат само технички решенија – тие сакаат да разберат како општините да се организираат, како да ги вклучат граѓаните и како системите да функционираат во пракса. На крај, лекцијата е едноставна: одржливото управување со отпад зависи од чувството на сопствеништво, соработката и довербата.
Во колкава мера може шведското искуство да се пренесе во земјава?
-Шведска може да биде добра референтна точка, но тоа не е модел за слепо копирање. Она што е преносливо се принципите: соработката меѓу општините, јасните управувачки структури, финансиската одржливост и силната вклученост на граѓанскиот сектор. Шведска покажува како може да функционира еден систем кога сиве овие елементи се на место. Преку проектот, овие лекции се прилагодуваат на македонскиот контекст. Студиските посети и размената на искуства, вклучително и ангажирањето на практичари од шведските општини и јавните претпријатија кои работат заедно со нашите партнерски општини во Северна Македонија, се покажаа особено ефикасни за да им покажат на локалните лидери како изгледа еден функционален систем во пракса. Но, успехот на крајот зависи од сопствеништвото врз процесот. Решенијата мора да одговараат на политичката, финансиската и општествената реалност во земјава.

Дали локалните власти и комуналните претпријатија се подготвени да го имплементираат и одржуваат новиот систем?
-Има напредок, но постои и јасна потреба за натамошна поддршка. Капацитетите значително се разликуваат од општина до општина. Некои брзо напредуваат, додека други сè уште се соочуваат со сериозни ограничувања во поглед на кадарот, финансиите и техничката експертиза. Сепак, свеста и ангажманот се забележително зголемени. Управувањето со отпад станува приоритет за многу општини, а јавните комунални претпријатија почнуваат да го модернизираат своето работење. Вистинскиот предизвик сега е одржливоста – да се осигура дека овие подобрувања ќе се институционализираат. Ова вклучува зајакнување на финансиските системи преку воведување функционален тарифен механизам, подобрување на собирањето податоци и формирање на Регионалното јавно претпријатие, кое ќе биде од клучно значење за управување со новата инфраструктура.
Кои се следните клучни чекори за постигнување на целосно функционален систем усогласен со ЕУ?
-Се издвојуваат неколку приоритети. Прво, меѓуопштинската соработка мора да премине од планирање кон целосна имплементација. Регионалните структури треба да станат оперативни и ефикасни. Второ, вклученоста на граѓаните мора да се зголеми. Системите за управување со отпад функционираат само ако луѓето учествуваат во него – преку селектирање на отпадот, плаќање на услугите и поддршка на реформите. Трето, мора да се реши прашањето на финансиската одржливост. Без реални тарифи и подобри системи на наплата, системот не може да функционира на долг рок. Четврто, пристапувањето во ЕУ треба да се користи постратешки. Барањата од законодавството на ЕУ се истовремено и патоказ и силен поттик за реформи. Конечно, управувањето и отчетноста се клучни. Одржливиот систем зависи од јасните улоги, силното чувство на сопствеништво врз процесот и отчетноста на институциите. Она што е еднакво важно во оваа фаза е да се задржи моментумот. Со веќе поставените клучни основи, континуираното користење на искуствата и практичните алатки развиени преку проектот на Салар интернешнл може да помогне во забрзување на имплементацијата и избегнување на доцнењата. Ако овие елементи се соединат во една целина, Северна Македонија има реална можност да изгради модерен систем за управување со отпад, кој не само што ќе биде во согласност со стандардите на ЕУ, туку и ќе донесе опипливи придобивки за нејзините граѓани. ац/
Фото: Фросина Насковиќ