• понеделник, 12 јануари 2026

Ранливи категории граѓани од Куманово можат да се пријават за користење бесплатен оброк

Ранливи категории граѓани од Куманово можат да се пријават за користење бесплатен оброк

Куманово, 12 јануари 2026 (МИА) - Општина Куманово денеска  објави јавен повик за остварување на правото на користење на услугата „народна кујна“ за 2026 година, како дел од програмата за развој на социјална заштита, информираше општинската прес-служба.  Мерката има за цел обезбедување еден дневен оброк за граѓаните кои се наоѓаат под најголем социјален ризик. Според објавата, услугата ќе ја спроведува ЈУ-ОУД „Професор Мијалковиќ“ Куманово, како давател на услугата, со финансиска поддршка од локалната самоуправа.

Право на користење на услугата имаат, корисници на гарантирана минимална помош, евидентирани во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово, корисници на право на социјална сигурност за стари лица, лица со интелектуална или телесна попреченост, целосно слепи и целосно глуви лица.

Секој корисник има право на еден оброк дневно, кој се подигнува со важечка лична карта. Дополнително, еден барател може да поднесе барање и за другите членови на своето семејство, при што бројот на оброци ќе се пресметува според бројот на пријавени членови.

За остварување на правото, граѓаните треба да достават, фотокопија од решение од Центарот за социјална работа за корисници на гарантирана минимална помош, фотокопија од решение за право на социјална сигурност за стари лица, документација за лица со попреченост, конзилијарно мислење од првостепена комисија или решение за надоместок за попреченост, како и потврда од АВРСМ дека лицето е евидентирано како невработено. Јавниот повик е објавен на официјалната веб-страница на Општина Куманово и ќе трае во текот на целата фискална 2026 година. Обрасците за пријавување можат да се подигнат во општинската зграда (поранешен „Козјак“) или преку официјалниот линк објавен на веб-страницата.

За сите прифатени барања ќе биде изготвено официјално решение од страна на градоначалникот на Општина Куманово. Решенијата ќе бидат јавно објавени на видно место во просториите на ЈУ-ОУД „Професор Мијалковиќ“, како дел од транспарентната постапка, соопштија од општина Куманово. ам/лв/

фото: МИА 

 

Остани поврзан