• вторник, 13 јануари 2026

Делчевското село Ѕвегор подготвено за вековната традиција „Ѕвегорска Сурова 2026“

Делчевското село Ѕвегор подготвено за вековната традиција „Ѕвегорска Сурова 2026“

Делчево, 12 јануари 2026 (МИА) – Селото Ѕвегор во општина Делчево и годинава ќе биде домаќин на една од најстарите и најавтентични традиционални манифестации во источна Македонија – „Ѕвегорска Сурова 2026“, која ќе се одржи на 14 јануари, на денот на Старата Нова година. Станува збор за вековен обичај што се пренесува од колено на колено со цел симболично истерување на злото и повикување на здравје, среќа и бериќет во новата година. 

Како што информираат кумовите на обичајот, манифестацијата секоја година привлекува голем број посетители од регионот и пошироко, кои имаат можност одблизу да ја доживеат автентичната народна традиција.

-Според програмата, суроваскарите ќе тргнат низ селото во раните утрински часови, облечени во рачно изработени маски од природни материјали, придружувани од звуците на тапани и зурли. Тие ќе ги посетуваат домовите на мештаните, изведувајќи ритуали со кои се благословува секое семејство за успешна и родна година. Централниот дел од манифестацијата ќе се одржи во попладневните часови, кога на главната селска улица и пред селскиот дом ќе се одржи дефиле и претставување на маските, по што следува заедничка прослава со избор на кум и старешина за наредната година, информира Дејан Митев, еден од кумовите на Ѕвегорската Сурова.

Во пресрет на настанот, во селскиот дом во Ѕвегор веќе се одвива интензивна подготовка на маските и реквизитите, во која се вклучени жители од сите генерации, со цел да се зачува автентичноста на обичајот.

-Упатуваме отворена покана до сите љубители на традицијата и фолклорот да присуствуваат и да бидат дел од „Ѕвегорска Сурова 2026“, како една од најзначајните културни манифестации во овој дел од Македонија, додадоа организаторите.

Главна маска на Ѕвегорската Сурова е невестата чија маска никако не треба да биде откриена.

Поддржувач на настанот е Општина Делчево. вс/хс/ 

Фото: Плакат 

Остани поврзан