• вторник, 13 јануари 2026

Општина Крива Паланка се подготвува за прослава на Богојавление-Водици, ќе се одржи и „Пифтијада 2026"

Општина Крива Паланка се подготвува за прослава на Богојавление-Водици, ќе се одржи и „Пифтијада 2026

Крива Паланка, 12 јануари 2026 (МИА) - Свечено и празнично, по црковната литургија Општина Крива Паланка и годинава ќе го одбележи големиот христијански празник Богојавление -Водици, со масовна прослава на градскиот плоштад и манифестацијата „Пифтијада".

Од Општина Крива Паланка информираат дека во понеделник, 19 јануари 2026 година, во Крива Паланка свечено ќе биде одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици, еден од најзначајните денови во православниот календар.

-Одбележувањето ќе почне со света божествена литургија во соборниот храм „Св.Великомаченик Димитриј“, по што следува традиционалната црковна поворка на верниците од храмот до големиот мост на Крива Река кадешто ќе се изврши осветување на водите и положување на светиот крст, чин што го симболизира Христовото крштевање, духовното прочистување и Божјиот благослов за сите учесници и граѓани.По завршување на црковниот дел, на градскиот плоштад ќе се одржи празнична програма во рамки на манифестацијата „Пифтијада 2026“, информира Сања Станковска од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.

Станковска најави дека за присутните ќе бидат приготвени над 4.000 пивтии, по традиционален рецепт, а организаторот најавува и топла храна и пијалаци за сите граѓани.

За музичката атмосфера и празничната програма ќе бидат задолжени Ленче Кукиќ и нејзиниот бенд.Кривопаланчани со гостопримство ги очекуваат сите добронамерници и посетители, во духот на заедништвото и традицијата да го одбележиме празникот.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека Богојавление - Водици е празник што ги обединува верата, традицијата и заедништвото.

-Општина Крива Паланка и годинава создава услови овој светол христијански ден да биде одбележан достоинствено, масовно и во духот на нашите вековни обичаи, рече Митовски, повикувајќи ги сите граѓани, верници и гости да присуствуваат и заеднички да го одбележат Богојавление во духот на христијанската вера, македонската традиција и заедништвото. ид/мч/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан