• понеделник, 05 јануари 2026

Протести ширум светот поради нападот на САД врз Венецуела

Протести ширум светот поради нападот на САД врз Венецуела

Манила, 5 декември 2026 (МИА) - Илјадници луѓе протестираа низ целиот свет против нападот на САД врз Венецуела и апсењето на претседателот на земјата Николас Мадуро, со демонстрации одржани во близина на амбасадите на САД во Манила и Сеул, додека протести и прослави беа регистрирани и во Шпанија.

Протести се одржаа и во САД, каде што стотици луѓе излегоа на улиците на големите градови, вклучувајќи ги Чикаго, Далас, Њујорк, Филаделфија, Питсбург, Сан Франциско и Сиетл, објавува Гардијан.

Во Манила, демонстрантите носеа транспаренти со слогани против американскиот претседател Доналд Трамп, објави денеска Ал Џезира.

Слично беше и во Сеул, каде што демонстрантите повикаа на прекин на интервенцијата на САД во Венецуела.

Во Шпанија, стотици луѓе, главно левичарски активисти, се собраа во Мадрид синоќа за да ја осудат „инвазијата“ и „колонијализмот“ на САД.

Протестите во шпанската престолнина, дом на големо венецуелско население, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата Едмундо Гонзалез, се одржаа пред амбасадата на САД.

„Претседател од Латинска Америка е киднапиран, а ова претставува преседан за други агресии и инвазии во регионот“, изјави Татјана Ромеро, мексиканска историчарка која живее во Шпанија. Во исто време, многу венецуелски емигранти во Шпанија, вклучувајќи ја и најголемата венецуелска заедница во Европа од речиси 400.000 луѓе, изразија надеж дека ќе се вратат во земјата и оценија дека „киднапирањето на Мадуро може да биде првиот чекор кон промени“.

Додека некои венецуелски граѓани го славеа апсењето на претседателот Николас Мадуро, демонстрантите во таа земја, како и во други делови од светот, ја оценија американската операција како пречекорување на авторитетот и напад врз суверенитетот на Венецуела, објави Си-Ен-Ен синоќа.

Десетици илјади луѓе се собраа и во кубанската престолнина Хавана. Кубанската влада го поддржа Мадуро и ја осуди американската операција. Протести се одржаа и во Богота, главниот град на Колумбија.

Членови и поддржувачи на левичарските политички партии во Индија се собраа во Њу Делхи за да изразат солидарност со Венецуела, додека демонстрантите во турските градови Анкара и Истанбул развеаја транспаренти со кои го осудуваат „империјализмот“ и ги повикуваат САД да „се тргнат од Венецуела“. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан