Промовиранo капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“
- Капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“ е промовирано денеска на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“ е промовирано денеска на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Раководителот на Институтот за етнологија и антропологија, проф. д-р Илина Јакимовска рече дека капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“ е резултат на неколкугодишен проект раководен од проф.д-р Љупчо Ристески, кој е уредник на изданието кое има над 750 страници. Посочи дека тоа претставува прв обид за систематизација на личностите и делата кои се значајни за историјата и за современата состојба на овие дисциплини кај нас, а во коренот ја има работата на основоположниците на дисциплините, но и на собирачите на етнографски материјали без кои ова наследство би било засекогаш загубено.

- Изданието е основа за планираната електронска база која ќе биде многу полесно да се надополнува со свежи податоци, а 150-те моментално собрани биографии претставуваат одлична основа за таа понатамошна работа, додаде проф. д-р Јакимовска.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова рече дека се работи за обемна и капитална публикација посветена на етнолошката и антрополошката наука во Македонија, која во себе ја носи историјата, развојот, делото и трајниот придонес на домашни и странски етнолози и антрополози кои оставиле белег во развојот на дисциплините. Ваквиот вид на дело, посочи таа, не е само научна публикација, тоа е сведоштво за истражувачката упорност, за академската љубопитност и за посветеноста на сите оние кои ја прочучуваат културата како живо и динамично ткиво на едно општество.

- Затоа му приоѓаме со дожно почитување. Овој труд претставува дело од непроценлива вредност, хронологија на научни животи, идеи, труд, знаења и генерации што ја создале основата на современата етнологија и антропологија. Овој значаен настан има уште две значајни димензии - едната која ја поврзуваме со одбележувањето на патрониот празник, 80 години од основањето на Природно-математичкиот факултет, а другата е 20-годишнината од основањето на Институтот за етнологија, додаде проф. д-р Ангелова.
Проф. д-р Лилјана Макаријовска, дописен член на МАНУ на промоцијата рече дека лексиконот нуди и бројни, значајни податоци за фолклорот, етнологијата, народното творештво на етничките и на религиските заедници во Македонија, на: Албанците, Турција, Власите, Ромите и други.

- Длабоко сум уверена дека лексиконот секојдневно ќе ме упатува кон трудови со, за мене, драгоцени сознанија за одделени елементи на народната култура. Лексиконот претставува огледало на континуитетот, научна ризница на податоци за истражувачи и институции преку кои се согледува растежот на македонската етнологија и антропологија, како и напорите за проширување на етнолошките и на антрополошките истражувања на актуелни теми значајни и за зачувувањето на националниот идентитет во процесот на глобализацијата. Останува и заветот за идните генерации, за младите - да го почитуваат она што е наше културно наследство како нешто најсвето. Колку и да ги шират своите крилја низ светот, да не го забораваат, да го вреднуваат, да го чуваат и да се гордеат со сето она убаво и вредно под ова наше мало парче небо, додаде проф. д-р Макаријовска. рп/са/
Фото: МИА