Продолжува изградбата на училиштето ,,Сами Фрашери" во Куманово
- Во тек е изградбата на СОУ Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Куманово 31 јануари 2025 (МИА) - Во тек е изградбата на СОУ Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
-Заврши втората фаза на градежните работи од објектот на СОУ Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, кои се одвиваат согласно предвидената временска рамка, динамика и според зацртаниот план. Во училишниот центар ќе се изведува настава на албански јазик за ученици од матичната Гимназија и албански паралелки од ОСТУ “Наце Буѓони” – Куманово. Проектот е во реализација на Министерството за образование и наука на Р. Македонија, со поддршка на Општина Куманово, вели Димитриевски.
Над 300 милиони денари ќе чини изградбата на објектот наменет за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ соопштија претходно од Министерството за образование и наука. Оттаму информираат дека објектот ќе има четири нивоа и ќе зафаќа површина од 7.400 метри квадратни.
- Во тек се активности за изградба на новиот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Станува збор за инвестиција на МОН во вредност од околу 317 милиони денари. Училиштето ќе биде сместено во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње. Ќе има четири нивоа и површина од 7.400 метри квадратни, како и спортски терен и паркинг простор. Новиот, современ објект ќе има просторни можности за 1.200 ученици, информираа од МОН.
Владата прерходно донесе одлука за почнување аткивности за изградба на објект за потребите на учениците од ова училиште. Сектор за урбанизам од општина Куманово го издаде одобрението за градење на средното училиште „Сами Фрашери“, училишниот објект ќе биде сместен во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње, каде што веќе функционира и средното училиште „Перо Наков“ на албански наставен јазик.
Генерации ученици следат настава во несоодветни услови во поранешната административна зграда „ЗИК“, на еден од најфреквентните булевари во градот. ам/сст/
Фото: ФБ Максим Димитриевски