Претседател на Светскиот еврејски конгрес: Молчењето на светот доведе до Аушвиц
- За оваа церемонија, вагонот е поставен пред портата во шаторот, каде што преживеаните и нивните семејства, како и присутните државни лидери, оставаат свеќи во спомен на починатите.

Краков, 27 јануари 2025 (МИА) - Роналд С. Лаудер, претседателот на Светскиот еврејски конгрес, зборувајќи во име на донаторите на Меморијалниот музеј на Аушвиц-Биркенау, потсети на изјавата на Роман Кент, преживеан од Холокаустот, кој почина во 2021 година: „Не сакаме нашето минато да биде иднината на нашите деца.“ Според Лаудер, овие зборови „денес нè прогонуваат“ и додаде: „Да беше жив Роман Кент, ќе плачеше.“
Лаудер ги поврза нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година врз источен Израел, кога беа убиени околу 1.200 луѓе и 251 беа одведени како заложници, со „вековната омраза кон Евреите.“ Тој предупреди дека Холокаустот започнал со постепен раст на антисемитизмот и истакна дека „денешниот свет покажува паралели.“
- Ова не е 1933 година... ова е 2025 година, но омразата кон Евреите сè уште има свои поддржувачи, рече Лаудер, нагласувајќи дека „молчењето на светот доведе до Аушвиц.“ Според него, молкот на светот во 1938 година му дал на Хитлер „уверување дека може да направи сè што сака со Евреите.“
Тој ги повика сите присутни да се заложат дека нема да останат неми пред антисемитизмот и заврши со зборовите: „Тешко е да се види ова денес, но не можам да замислам како е за речиси 50-те преживеани кои се тука“.
Последниот чин на оваа церемонија започна со дување во шофарот, рог од овен, чиј звук е таинствен и обединувачки за Евреите. Обично го најавува почетокот на еврејската Нова година и крајот на Јом Кипур.
Тука, покрај Портата на смртта во Биркенау, каде завршија животите на стотици илјади луѓе, овој звук доби особено моќно значење – тажен, но истовремено и силен повик за будење. Потоа, беше прочитана еврејската молитва за тагување, Кадиш, од главниот рабин на Полска, Мајкл Џозеф Шудрих.
Во Биркенау пред неколку години е оставен вагон како меморијал за 430.000 унгарски Евреи депортирани тука во 1944 година.
За оваа церемонија, вагонот е поставен пред портата во шаторот, каде што преживеаните и нивните семејства, како и присутните државни лидери, оставаат свеќи во спомен на починатите. ссм/
фото: принтскрин