• петок, 21 февруари 2025

Презентација на првични наоди од Компаративното истражување на изборните системи во Република Северна Македонија

Презентација на првични наоди од Компаративното истражување на изборните системи во Република Северна Македонија

Скопје, 22 јануари 2025 (МИА) - Со цел посеопфатно разбирање на динамиката поврзана со изборите од 2024 година, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија (ИФЕС), лани за прв пат во земјата го спроведоа модулот на меѓународното Компаративно истражување на изборните системи (КИИС, Comparative Study of Electoral Systems, CSES, https://cses.org/). Во Скопје денеска ќе бидат презентирани првичните резултати од анкетното истражување, спроведено на национален примерок од 1056 испитаници, избрани по случаен избор. 

-Парламентарните и претседателските избори од 2024 година доведоа до повеќе промени во политичкиот живот на Република Северна Македонија. Носителите на функции во извршната и законодавната власт беа заменети, на сцената се појавија или се зацврстија нови политички актери, раководството на една од најголемите и довчерашна владеачка партија беше целосно променето, а и една од постојаните владеачки партии по подолг период замина во опозиција. Земено севкупно, се чини дека се затвори уште една епизода во македонската повеќепартиска демократија, која на сцената доведе нови актери, решенија и проблеми, кои ќе бидат во центарот на вниманието во следниот период, се посочува во најавата за настанот.  

Од истражувањето треба да произлезат одговори на повеќе прашања. Што доведе до овој исход? Зошто македонските гласач(к)и се решија за промени? Што ги мотивира гласач(к)ите да го дадат својот глас за одредена партија или кандидат, или пак да апстинираат од гласањето? Кога одлучуваат за кого ќе го дадат својот глас? Каква е наклонетоста на гласач(к)ите кон различните партии, кандидат(к)и и политички позиции кои го доминираат јавниот дискурс? Како граѓаните идеолошки ги позиционираат партиите? Како гласач(к)ите ги евалуираат изборите и системот во целина? 

КИИС/CSES е меѓународно анкетно истражување, координирано од Центарот за политички студии при Универзитетот во Мичиген, САД и ГЕСИС - Институтот за општествени науки во Лајбниц, Германија, кое се фокусира на изборното однесување на граѓан(к)ите. Досега е имплементирано во 60 земји низ светот во пет различни брана почнувајќи од 1996-та година. Имплементацијата на шестиот по ред модул на КИИС (2021-2026) во Северна Македонија ќе овозможи висококвалитетни и меѓународно споредбени податоци за изборното однесување на граѓан(к)ите кои ќе бидат од корист за научната заедница, креаторите на политики, граѓанските организации кои работат во областа на изборните политики и медиумските работници. 

Првата имплементација на КИИС во Северна Македонија беше поддржана и од Американската национална научна фондација во рамки на Програмата за почетни КИИС грантови. ев/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан