• петок, 05 декември 2025

Предавање во Куманово „Црвен се барјак развева“ од проф. д-р Кирил Пенушлиски

Предавање во Куманово „Црвен се барјак развева“ од проф. д-р Кирил Пенушлиски

Куманово, 25 ноември 2025 (МИА) - Кумановци вечер со почеток во 19 часот во Занаетчискиот дом ќе имаат можност да го проследат предавањето „Црвен се барјак развева“ од проф. д-р Кирил Пенушлиски. Предавањето е завршен сегмент од обемниот, мултидисциплинарниот проект посветен на македонската народна борбена лирика и на нејзината интерпретација во делата на македонските ликовни уметници. Проектот опфати  ликовна изложба, поставена во Националната галерија на Македонија, како и книга со академски текстови, која служи и како каталог на изложбата.

Проектот „Црвен се барјак развева“ ги поврзува избраните народни борбени песни со дела на македонски ликовни уметници. Традицијата и народната поезија се форми на изразување на националниот идентитет и манифестација на колективното минато. Традицијата е и рефлексија на историјата и суштински елемент во обликувањето на идентитетот на македонскиот народ. Во делата претставени на изложбата, македонските уметници ги оживуваат и надградуваат приказните и историските случки од народната лирика, придонесувајќи кон формирањето на современиот македонски визуелен идентитет и кон зајакнување на колективната меморија.

„Црвен се барјак развева“ се занимава со прашања поврзани со фолклорот, националниот идентитет, традицијата и историјата, како и со развојот на модерната и современата македонска ликовна култура. Притоа, особено внимание е посветено на визуализацијата на патриотските и херојските мотиви што произлегуваат од народната поезија.

Отворањето на изложбата, на 9 мај 2025 година, одбележа два значајни јубилеја: осумдесет години од победата над фашизмот и шеесет години од објавувањето на првата научна студија посветена на македонската народна борбена поезија. Токму таа студија, напишана од Проф. д-р Кирил Пенушлиски (1912 – 2004), основоположникот на македонската фолклористика, го даде и името на проектот – „Црвен се барјак развева“. Македонските народни борбени песни од периодот на Народноослободителната борба се составен дел од богатото фолклорно наследство на нашиот народ и ја претставуваат најмладата група борбени песни во македонската традиција. Тие се јавуваат во текот на НОБ – борба која за македонскиот народ значеше остварување на вековниот сон за слобода и кулминација на долгиот и тежок процес на национално ослободување.

Проф. Д-р Кирил Пенушлиски (роден 1977) е македонски историчар на уметност. Дипломирал историја на уметност со филм и филмска теорија во САД, магистрирал историја на уметност во Шкотска, а докторирал на Националниот институт за уметност во Париз. Тој е професор по историја на уметност на Интернационалниот универзитет Европа Прима во Скопје, бил и визитинг-професор во Белград и Нови Сад а го држи и постдипломскиот модул за модерна и современа уметност на Катедрата за Историја на Уметност на УКИМ. Пенушлиски е автор на бројни изданија во областа на уметноста (монографии за Мартиноски, Личеноски, ДЛУМ), како и на повеќе студии за стрип и филм. ам/са/

Фото: плакат

Остани поврзан