Почна Фестивалот на чај - три дена во знакот на природата со над 30 чесници и уметници
- Чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, сапунчиња, мевлеми, мармалади, намази, колачи од билки и шумски плодови, ќе биде само дел од палетата производи што ќе ги понуди Фестивалот на чај што од денеска до 16 ноември се одржува во Скопје.
Скопје, 14 ноември 2025 (МИА) - Чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, сапунчиња, мевлеми, мармалади, намази, колачи од билки и шумски плодови, ќе биде само дел од палетата производи што ќе ги понуди Фестивалот на чај што од денеска до 16 ноември се одржува во Скопје.
Под слоганот „Вкуси ја хармонијата на билките“, фестивалот, како што најавуваат организаторите, ќе биде ретко искуство за сите љубители на природата и здравиот начин на живот.
Над 30 учесници ќе ги претстават своите производи, а фокусот е насочен кон автентичноста што ја нуди природата преку лековитите билки и нивната примена во секојдневниот живот. Посебно внимание ќе биде посветено и на пчелните производи – природен мед и козметика од мед за поздрав живот. Амбиентот ќе биде збогатен со присуство на уметници кои ќе изложат рачно изработени чајници и филџани, персонализирани аксесоари и уникатни уметнички предмети инспирирани од светот на чајот. Посетителите ќе можат и директно да комуницираат со производителите, да добијат совети за поздрав живот и да научат повеќе за благодетите на билките и природата.
Во рамки на фестивалот ќе учествуваат и образовните институции: Институтот „Конфуциј“ при УКИМ и Ботаничката градина при ПМФ – Скопје, заедно со Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), кои ќе го дополнат настанот со научно-едукативни активности и интерактивни презентации.
-На фестивалот ќе има и попратни настани, работилници и перформанси, кои ќе и дадат посебен шарм на тридневната програма. Денеска е предвиден музички перформанс во духот на македонската етно музика, а потоа ќе следи церемонија на чај во изведба на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, со кинески инструментален перформанс, танц, калиграфија и демонстрација на традиционални хартиени техники. Утре, 15 ноември, фестивалот ќе продолжи со едукативната сесија „Македонскиот планински чај“ во организација на Здружението „Моја фарма“, каде посетителите ќе научат повеќе за култивирањето и заштитата на овој вреден вид. Истовремено ќе се одржи и работилницата „Босилек сучење врвки“, инспирирана од билното културно наследство. Потоа, Ботаничката градина и студентите биолози ќе го претстават своето „научно катче“ со хербариум, инсектариум и интерактивни експерименти за деца и возрасни, како и работилница „Хотел за инсекти“. Истиот ден ќе се одржи и работилницата „Време за чај“ и „Волшебниот зелен чај“ со дегустација на ЛаЧа чаеви, водена од фармацевтот Соња Станковиќ, велат од Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог кои се организатори на манифестацијата.
Неделата, на 16 ноември, ќе биде исполнета со уште една серија активности во знакот на чајот и природата. Институтот „Конфуциј“ ќе ја претстави повторно кинеската церемонија на чај, а ќе има и музички перформанси и работилници за калиграфија и традиционални техники на хартија. Денот ќе заврши со креативната работилница „Сапунче“, каде посетителите ќе имаат можност сами да изработат сапунчиња од природни состојки.
„Фестивалот на чај“ годинава одбележува 10 години. Една деценија претставува место на среќавање на природата, науката, уметноста и културата, во кое секој љубител на чајот ќе може да ја „вкуси хармонијата на билките“ – симфонија од ароми, бои и инспирација. мч/вј/
Фото: плакат