Почна расправата за избор на нов државен јавен обвинител
- Собранието, денеска, во рамките на 94. седница, ја почна расправата за избор на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.
Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Собранието, денеска, во рамките на 94. седница, ја почна расправата за избор на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.
Предлогот на Владата за избор на Савески за државен јавен обвинител пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
- На Македонија очајно ѝ се потребни правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесирање на случаи, кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем - истакна Николоски на собраниската седница.
Тој нагласи дека Савески е професионалец, докажан во својата работа и, како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.

- За жал, оваа состојба во која се наоѓа обвинителско-правосудниот систем е состојба што не дава доверба кај граѓаните, состојба што ги тера многумина од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда, поради скепсата што постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем, како што не случајно и рејтингот на овие две институции е едвај 2 отсто. Тоа ќе биде сериозна задача за новиот јавен обвинител што го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек кој бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да биде прв меѓу обвинителите - нагласи Николоски.
Додаде дека се работи за човек кој е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој што зад себе нема дамки.
- Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде првиот што треба да испорача правда во Македонија - нагласи Николоски пред пратениците.
Савески, кој е досегашен судија во Основниот кривичен суд Скопје, на 10 март беше определен од Владата како кандидат за државен јавен обвинител. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавните обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење.
Според мислењето на Советот, Савески се истакнува со стручност и квалитет во работењето, поседува углед и етичност, кои се достојни за функцијата, за градење добри меѓучовечки односи и за креирање односи за успешно и ефикасно извршување на целокупната работа.
За изборот на државен јавен обвинител потребни се 61 глас. ац/паг/
Фото: Принтскрин