• петок, 05 декември 2025

Поранешен германски министер: Погрешната проценка на намерите на Путин е една од „најголемите грешки“

Поранешен германски министер: Погрешната проценка на намерите на Путин е една од „најголемите грешки“

Берлин, 7ноември 2025 (МИА) - Поранешен германски дипломат ја нарече погрешната проценка за намерите на рускиот претседател Владимир Путин „една од најголемите грешки на германската надворешна политика“, пренесе ДПА.

Зигмар Габриел, кој беше министер за економија, а потоа и министер за надворешни работи за време на владеењето на Ангела Меркел од 2013 до 2018 година, денеска сведочеше пред комисијата која го испитува можното руско влијание врз германската фондација поврзана со гасоводот „Северен тек“.

Иако Габриел негираше блиска соработка меѓу федералната влада и фондацијата во провинцијата Мекленбург-Западна Померанија, каде што завршува гасоводот, тој призна дека се направени грешки во работењето со Русија.

Грешката во проценката на Путин и неговите намери „е една од најголемите грешки на германската надворешна политика, со која сум имал врска“, рече Габриел, додавајќи дека тоа е „горчливо осознавање на грешката“.

Комисијата на провинцискиот парламент има задача да разјасни дали Русија имала влијание врз раководството на фондацијата, која помогна да се заврши „Северен тек 2“ во 2021 година, и покрај заканите од САД да воведат санкции за вклучените компании.

Гасоводите „Северен тек“ беа изградени со цел да пренесуваат руски природен гас преку Балтичкото Море до Западна Европа преку Германија. Иако работата на првиот гасовод („Северен тек 1“) започна во 2011 година, плановите за изградба на „Северен тек 2“ продолжија дури и откако Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година, спротивно на меѓународното право.

Габриел, кој со години беше и лидер на социјалдемократите, денеска ја бранеше одлуката на Владата да се држи до плановите за „Северен тек 2“ и покрај анексијата на Крим, велејќи дека запирањето на изградбата може да им наштети на преговорите во конфликтот.

Тој рече дека главната цел отсекогаш била да се гарантира снабдувањето со гас за Германија, што стана „прашање на приватниот сектор“ како резултат на либерализацијата на енергетскиот пазар.

„Северен тек 2“ никогаш не влезе во функција поради инвазијата на Русија во Украина, а Русија го прекина снабдувањето преку „Северен тек 1“ поради западните санкции наметнати како резултат на војната. И двата гасоводи беа оштетени од подводни експлозии во септември 2022 година, а се претпоставува дека зад саботажата стои група Украинци.

Поранешниот германски канцелар Олаф Шолц, кој ја предводеше централно-левичарската влада од 2021 до 2024 година, се очекува да зборува пред комисијата на 21 ноември, а резултатите од сослушувањата ќе бидат презентирани следната година. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан