• петок, 02 јануари 2026

Пораки за сочувство до Швајцарија од земјите во регионот по трагедијата во Кран-Монтана

Пораки за сочувство до Швајцарија од земјите во регионот по трагедијата во Кран-Монтана

Скопје, 2 јануари 2026 (МИА) - Официјални лица од земјите во регионот упатија пораки за сочувство до Швајцарија и нејзините граѓани по катастрофалниот пожар во алпското одморалиште Кран-Монтана, кој однесе десетици животи за време на новогодишната ноќ.

Македонската претседателка Горана Сиљановска Давкова, синоќа упати пораки за сочуство до семејствата на жртвите, народот и претседателот на Швајцарија. Таа воедно истакна дека Македонија стои на располагање за каква и да е помош.

„Со длабока тага ја примивме веста за трагичниот пожар што се случи за време на новогодишната ноќ во Швајцарија. Како нација што ја носи болката од Кочани, длабоко ја разбираме тежината на ваквите трагедии и трајните рани што ги оставаат зад себе. Во овие тешки и чувствителни моменти, им изразуваме искрено сочувство на семејствата на жртвите и ја изразуваме нашата целосна солидарност со швајцарскиот народ. Македонската држава е подготвена да обезбеди соодветна помош, доколку е потребно“, напиша претседателката на англиски јазик на социјалната мрежа Икс.

Еден македонски државјанин се води како исчезнат во пожарот во барот „Конселејшн“ во Кран-Монтана.

Владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција во име на македонската Влада изрази жалење и сочувство за несреќата во Кран-Монтана. Таа посочи дека е стапено во контакт со официјални претставници на Швајцарија и понудена е помош.

- Стоиме на располагање и очекуваме доколку е потребно да побараат помош, рече Митева и во име на Владата изрази жалење и сочувство за несреќата во Кран Монтана.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и министерката за надворешни работи, Тања Фајон, упатија сочувство до семејствата на загинатите и над стотината повредени во пожарот.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ преку социјалната мрежа „Икс“ изрази длабоко сочувство до швајцарските власти и семејствата на настраданите, посакувајќи им брзо закрепнување на повредените. Тој додаде дека министерот Гордан Грлиќ Радман и хрватската амбасада во Берн се во постојан контакт со швајцарските колеги за да се утврди дали меѓу жртвите има хрватски државјани.

Со порака за поддршка се огласи и претседателката на Косово, Вјоса Османи. „Стоиме со нашиот сојузник Швајцарија по трагедијата што однесе многу животи. Во име на Република Косово, упатувам најдлабоко сочувство и изразувам солидарност со швајцарскиот народ и институции“, порача Османи.

Амбасадата на Србија во Швајцарија соопшти дека е во постојан контакт со надлежните органи во ски-центарот и дека во овој момент нема информации за настрадани српски државјани. Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, остварил и телефонски разговор со својот колега Игнацио Касис, изразувајќи сочувство и нудејќи помош по трагедијата.

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина исто така упати искрено сочувство до погодените од трагедијата, наведувајќи дека според достапните информации меѓу жртвите нема државјани на БиХ, но дека ситуацијата продолжува внимателно да се следи.

Според официјалните податоци од швајцарските власти, во пожарот во барот загинаа најмалку 40 лица, а стотина се хоспитализирани со повреди. ссм/мс/

фото: принтскрин

Остани поврзан