• вторник, 06 јануари 2026

Полусестрата на Ана Франк, Ева Шлос, која го преживеа „Аушвиц“, почина на 96 години

Полусестрата на Ана Франк, Ева Шлос, која го преживеа „Аушвиц“, почина на 96 години

Лондон, 5 jaнуaри 2026 (МИА) - Полусестрата на Ана Франк, Ева Шлос, која го преживеала „Аушвиц“, почина во саботата на 96-годишна возраст, соопшти денеска Фондацијата „Ана Франк“ во Велика Британија.

За време на Втората светска војна, Шлос и нејзиното семејство биле протерани од Австрија и живееле како бегалци во Холандија. Откако се криеле од нацистите, семејството било уапсено и депортирано во концентрациониот логор „Аушвиц“. Ева, заедно со мајка ѝ Елфриде (подоцна Франк) го преживеале логорот, додека брат ѝ и нејзиниот татко починале во тоа заробеништво. По ослободувањето на логорот во јануари 1945 година од страна на советската армија, Ева и нејзината мајка биле во сериозна здравствена состојба. По враќањето во Амстердам, Елфриде се омажила за Ото Франк, таткото на Ана Франк, единствениот преживеан од семејството на авторката на познатиот дневник.

Фондацијата „Ана Франк“ извести дека Ева Шлос живеела како девојче во Амстердам, преку улицата од куќата на Ана, и како и последнава, била принудена да се крие од нацистите.

Семејството на Ева Шлос изјави дека жалат за загубата на „сакана мајка, баба и прабаба“, додека „Џуиш њуз“ ја опиша како извонредна жена и неуморна едукаторка посветена на зачувување на сеќавањето на Холокаустот.

Изминативе 40 години, Ева Шлос активно учествуваше во едукација на младите луѓе за Холокаустот и промовирање пораки за толеранција, разбирање и мир. Таа често зборувала и на јавни собири и во училишта низ Европа.

Во 1951 година, Ева се преселила во Лондон, каде што студирала фотографија и го запознала својот сопруг, Цви Шлос. Подоцна двојката добила британско државјанство.

Цви Шлос почина во 2016 година.

Ана Франк починала 1945 година, во логорот „Берген Белсен“, на свои 16 години. „Дневникот на Ана Франк“, кој ги документира животите на Евреите под нацистичка окупација, е продаден во повеќе од 30 милиони примероци. Преведен е на 70 јазици, и воопшто - се смета за едно од најзначајните сведоштва за Холокаустот.

Британскиот крал Чарлс изјави дека ужасите што ги преживеала Шлос за време на Холокаустот се „невозможни да се разберат“, и оти таа го посветила остатокот од својот живот на борба против омразата и предрасудите, како и на информирање за Холокаустот ширум целиот свет.  си/сд/

Фото: Принтксрин, видео од веб сајт на Ева Шлос

Остани поврзан