• петок, 16 јануари 2026

Положување крст за Водици во општина Росоман на две локации

Положување крст за Водици во општина Росоман на две локации

Росоман, 16 јануари 2026 (МИА) - По повод големиот христијански празник Водици - Богојавление, положување на крстот ќе се одржи на две локации во општина Росоман. Првата е на централната манифестација во Росоман - во водите на Црна Река и во село Трстеник, информираше градоначалникот Ѓорѓи Крстевски.

-Во тек се активности за уредување на теренот каде што ќе се одржи положувањето на светиот крст по повод празникот Водици - Богојавление. Со навремена подготовка на просторот обезбедуваме безбедни и соодветни услови за учесниците и за сите присутни граѓани. Општина Росоман се грижи празникот да биде одбележан достоинствено и организирано, нагласи Крстевски.

Тој додаде дека в понеделник положувањето на крстот ќе почне во 10:30 часот во Трстеник. Точно напладне, како што е најавено, ќе биде централната манифестација во Росоман, во водите на Црна Река.

-Општина Росоман, заедно со претставници од Канцеларијата на претседателот на Владата, обезбеди подароци за среќните фаќачи на светиот крст, додаде градоначалникот.

Тој повика заедно да се одбележи, како што истакна, големиот празник во духот на верата, заедништвото и традицијата. свд/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан