Победа на БНП на изборите во Бангладеш
- Националистичката партија на Бангладеш (БНП) обезбеди мнозинска победа на првите парламентарни избори во земјата по бунтот во 2024 година.
Дака, 13 февруари 2026 (МИА) – Националистичката партија на Бангладеш (БНП) обезбеди мнозинска победа на првите парламентарни избори во земјата по бунтот во 2024 година.
БНП освои двотретинско мнозинство, доволно за да ја формира следната влада и да донесе потенцијал за стабилност по соборувањето на поранешната премиерка Шеик Хасина, пренесува Скај њуз.
Бунтот предводен од припадниците на таканаречената „генерација З“ во јули 2024 година, за кој ОН проценува дека резултирал со смрт на 1.400 луѓе, доведе до пад на Хасина, испраќајќи ја во егзил во Индија. На чело на БНП е Тарик Рахман, кандидат за премиер, кој се врати во Бангладеш во декември по 17 години самопрогонство во Лондон.
Рахман замина во Велика Британија откако владата на Хасина покрена повеќекратни постапки за корупција и кривични постапки против него, обвиненија кои тој ги негираше. Случаите беа отфрлени откако падна владата на Хасина, отворајќи го патот за негово враќање во земјата.
Парламентот во Бангладеш има 350 места, од кои 300 се избираат директно од изборните единици со еден член, а 50 се резервирани за жени.
По изборите, премиерот на Индија, Нарендра Моди, изјави дека Индија „ќе продолжи да поддржува демократски, прогресивен и инклузивен Бангладеш“. Претседателот на Пакистан, Асиф Али Зардари, ѝ честиташе на БНП за „убедливата победа“ и на „народот на Бангладеш за успешните, мирни избори“. јт/
Фото: ЕПА